25/04/2024
Охрид

Донев: Георгиески доби партиска наредба да реализира нови 32 вработувања кои граѓаните ќе ги чинат над 200.000 евра годишно

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција на кога говореше претседателот на Општинскиот комитет, Сашо Донев.

„Георгиески доби партиска наредба од СДСМ да реализира нови 32 вработувања во општина Охрид кои граѓаните ќе ги чинат над 200.000 евра на годишно ниво.

Почитувани сограѓани,

Ваквиот однос на градоначалникот е крајно потценувачки и срамен, во услови на тешка економска криза, стопанство на колена, зголемен процент на невработеноста во Охрид.

За партискиот послушник Георгиески нема пари за канализација во Лакочереј, Елшани, Трпејца, не го интересира тоа што во Ливоишта и Подмоље граѓаните се соочуваат со недостик на вода за пиење. Наместо да се зафати со ВИСТИНСКО спроведување на препораките на УНЕСКО и овие средства да ги намени на отстранување на диви градби (јасно е дека средствата одобрени од Влада се симболични) и финансирање на ДУП-ови за да не никнуваат нови диви градби, тој ќе вработува.

Малку му се 250 вработени, па ќе вработува телефонист, разни администратори, лица за протокол и присилна наплата на даноци.

Ги повикуваме советниците да не го поддржат предлогот на Георгиески, да застанат во одбрана на интересите на граѓаните кои ги гласале.“ истакна Донев.