29/03/2024
Охрид

Донев: Неодговорноста на Стојаноски ги остави учениците без бесплатен превоз на почетокот од учебната година

Денес се одржа прес-конференција на која говореше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Сашо Донев.

„Откако го преспа летото, односно го потроши на скапи забави организирани со народни пари, градоначалникот Јован Стојаноски заборави на обврските кои со себе ги носи почетокот на учебната година. Покрај тоа што не реновира ниту едно училиште, не набави опрема или средства за воспитно-образовниот процес, Стојаноски заборави да распише тендер за превоз на ученици.

Деновиве набрзина ги задолжил училиштата сами групирани по неколку да објават тендери и да ја исполнат обврската. Учениците моментално се превезуваат со анекс-договори која е законски дозволена категорија, но само во случај кога е распишан тендер за нова набавка.

Дали неодговорноста кон учениците што се оставени без бесплатен превоз на почетокот од учебната година е европски принцип за градоначалникот Стојаноски?

Вака, Стојаноски едноставно заборавил дека треба да распише тендер за превоз на ученици. Знаеме дека во моментов е преоптеретен со промоција на штетниот договор со Грција, па затоа го потсетуваме дека доаѓа зима и неопходно е веднаш да објави тендер за набавка на нафта за греење на училиштата.

Го потсетуваме, за да не заборави, а децата да смрзнуваат во зимата која доаѓа.

Градоначалникот Стојаноски место да обезбедува современи услови во образованието, се насочува кон уништување на истото. Доволно е само совесно да работи и да не чека последен момент затоа што учениците треба да имаат безгрижно и безбедно образование.“ – истакна Донев.