25/04/2024
Охрид

Донев: Во идниот период ќе бидеме меѓу народот обединети околу идејата за силен и просперитетен Охрид

Претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Сашо Донев, денес одржа прес-конференција, на која се заблагодари на партијата за довербата која ја доби и дека за него претставува поттик и можност заеднички да работат, потпирајќи се на принципите на чесност, посветеност и одговорност.

„Членовите и симпатизерите на нашата партија веќе знаат дека заедно го започнавме процесот на внатрешна консолидација и обединување на сите структури. Тоа мора да се почувствува и во месните комитети за да донесе освежување и зајакнување на партиското јадро. Во таа насока ќе се продолжи и во периодот кој следува. Избран е новиот состав на Општинскиот комитет, а во тек е повикот за членови на партиските комисии.“ – истакна Донев.

Како што рече тој, тимот во наредниот период ќе ги слушне потребите и проблемите на граѓаните, ќе се слушнат мислења и предлози на секој граѓанин од Општината.

„Добредојдени ќе бидат и критиките за евентуалните пропусти од минатото и ќе се извлече поука истите да не се повторат. Во новиот тим имa луѓе кои се компетентни во секој момент остро да се спротивстават на оваа ненародна власт која е најголемата несреќа која можеше да и се случи на Македонија. Во идниот период ќе бидеме меѓу народот обединети околу идејата за силен и просперитетен Охрид заеднички ќе го трасираме патот на новите големи изборни победи. Поминува нешто повеќе од половина година откако СДСМ ја има целокупната власт во Охрид, а ветениот живот за граѓаните на Охрид никако да дојде. Колку побрзо оваа политичка гарнитура предводена од СДСМ си замине од власт толку побрзо ќе се врати просперитетот и општиот напредок на Охрид и Македонија. 2 јуни е денот кога ќе започне Вашето заминување од власт! Онака како што Ве инсталираа, македонскиот народ ќе Ве деинсталира! Охрид и Македонија повторно ќе победуваат и повторно ќе зборуваме за проекти и развој!“ – рече Донев.

Донев на граѓаните им порачува да споредат што направило ВМРО-ДПМНЕ, и што направило СДСМ во минатото.

„Вие изберете кој се залагаше за подобар Охрид ценете и одлучете по вложената љубов и труд. Вратите на ВМРО-ДПМНЕ, ОК Охрид се отворени ширум за сите коишто се чувствуваат подготвени своето професионално знаење да го стават во функција на напредокот на Охрид и Македонија.“ – додаде Донев.

WebOhrid