Дониран UV Guard во Општата болница во Охрид

Денес пред просториите на управата на ЈЗУ Општа болница Охрид се изврши примопредавање на мобилен UV Guard за дезинфекција на работни простории и површини која е донација од Министерство за здравство.

Изработувачите на овој уред Ивица Поцков и Никола Глигоров кои со сопствени средства, но и со помош на општествено одговорни компании, ги донираат ваквите уреди по инфективните клиники во Македонија.

„Денес го донираме уредот за дезинфекција UV Guard кој го изработивме за болницата во Охрид, со поддршка од општествено одговорната компанија – хотелот „Су“, со цел зајакнување на условите и заштита на здравствените работници“ – изјави Ивица Поцков.

„Продолжуваме понатаму со нашата мисија да изработиме што е можно повеќе уреди за да покриеме повеќе здравствени установи за борба против COVID-19. Овој уред кој што го изработивме за болницата во Охрид служи за дезинфекција на простории со UV зраци. Досега имаме изработено 6 уреди, во тек е изработка на уште 8 кои исто така планираме да ги донираме во установи за борба против пандемијата.“ – изјави Никола Глигоров.

Директорот Горан Балевски во негово име и во име на менаџерскиот тим на Општа болница Охрид, им се заблагодари на Министерството за здравство, на иноваторите и на сите општествено одговорни лица од општина Охрид.

„Знаеме сите дека УВ зрачењето ги уништува и бактериите и вирусите. Овој апарат е мобилен, најпрво ќе го поставиме на инфективното одделение онаму каде што болницата беше најоптоварена во целиот овој период од целата пандемија COVID-19, после тоа ќе одиме спрема одделенијата каде што имавме најмногу трансмисии и транспорт на пациенти, спрема рендген, интерно, хируршкиот блок. Овој апарат планираме да го користиме и по престанок на пандемијата, како UV Guard за бактерицидно и вирусностатско средство“ – изјави директорот на Општа болица Охрид, д-р Горан Балевски.

Вредноста на еден UV Guard изнесува околу илјада евра.

Функционалноста на овој апарат е следна:

  • Дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу;
  • Работи на принцип на зрачење кратка UV-C бранова должина од 254 нанометри;
  • Ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција;
  • Просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува;
  • УВ зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини;
  • За просторија од 40 квадратни метри се доволни околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.

WebOhrid

This slideshow requires JavaScript.