29/03/2024
Спорт

Државни награди „8 Септември“ за посебни остварувања во спортот

Државната награда „8 Септември“ за животно дело и признанија за високи остварувања во областа на спортот денеска беа врачени во Собранието на Република Македонија.

Таки Џиков, кој речиси половина век е во спортот, на разни функции, а најмногу во одбојката, е добитник на годинашната државна награда за животно дело „8 Септември“, која по седми пат ја доделува Агенцијата за млади и спорт.

Признанија за остварувања во областа на спортот добија Стефан Гешовски-кошарка, Сашко Арсовски-карате, Владимир Радиќ-ракомет и Ристо Таков-борење.

Наградата на Таки Џиков му ја додели директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и изрази честитки до сите наградени.

Џиков им го честита празникот 8 Септември на сите граѓани и нагласи дека на државата и е потребна нова стратегија како да се создадат нови, квалитетни, стручни кадри кои ќе го доближат спортот до младите и тој да стане нивно секојдневие.

Смета дека преку спортот младите ќе се дистанцираат од пороците и оти на тој начин се создаваат здрави и млади генерации кои и се потребни на државата.

На доделувањето на наградите присуствуваа спортисти, тренери, претставници од спортските федерации.