29/03/2024
Охрид

ECHOSET – нов одобрен Ерасмус+ проект на охридската гимназија

Охридската гимназија во новата учебна година 2019/2020, влегува со еден новоодобрен Ерасмус+ проект. Станува збор за Опфаќање на културното наследство на малите европски градови (Encompassing Cultural Heritage Of Small European Towns; ECHOSET).

ECHOSET e проект во кој се вклучени 6 училишта, од Полска, Хрватска, Македонија, Шпанија, Латвија и Германија, од многу различни средини, но заеднично на сите им е дека се од мали европски градови. Таа навидум неповолна положба влијае на развој на самопочитувањето, идниот избор на студии и професионална ориентација, што со овој проект сакаме да го смениме и овозможиме на нашите ученици квалитетно неформално и интеркултурално учење. Проектот е од интердисциплинарна природа и во него вклучуваме повеќе предмети како англиски и македонски јазик, историја, географија, математика, етика, социологија, психологија, уметностите. Главна цел на проектот е поттикнување и наведување на учениците да ја истражуваат локалната традиција, занаетите, храната, песни, фолклорот, легендите и слично за да ги презентираат едни на другите и на пошироката јавност како вредности на европското културно наследство. За спроведување на проектот Европската комисија одобри вкупно 186,222 евра, од кои на охридската гимназија 30,300 евра во денарска противвредност. Проектот ќе трае 2 школски години, а ќе се реализира низ 6 мобилности на кои ќе патуваат по 4 ученици и по 2 наставници од секое партнер училиште.

Координатор на проектот во гимназијата, психолог Алберта Гулицовска, за скоро време најавува објава на конкурс за избор на ученици за потребите на проектот.