20/04/2024
Македонија

Едукацијата на производителите и откупувачите на млеко основа за исполнување на европските стандарди за квалитет

До крајот на 2020 година, Агенцијата за храна и ветеринарство треба да го заврши процесот на категоризација на одгледувалиштата на молзни крави и унапредувањето на производството и квалитетот на суровото млеко согласно европските стандарди за бројот на микроорганизми и соматски клетки во милилитар сурово млеко. Категоризацијата, согласно изготвениот Акциски план на Агенцијата, ќе се реализира и во наредниве две години. Како што беше речено на првата од дводневната работилница наменета за откупувачите и преработувачите на млеко, “Категоризација на одгледувалиштата на молзни грла говеда според ризик, со унапредување на квалитетот на суровото млеко” , категоризацијата се спроведува преку утврдување на здравствената состојба на животните за производство на млеко, оценка на степенот на хигиена на фармите, исполнетост на хигиенските барања во поглед на молзењето, собирањето и транспортот на млекото, како и барањата кои се однесуваат на вкупниот број на микроорганизми и соматски клетки во суровото млеко. Работилницата е во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство и Факултетот за ветеринарна медицина.

-До 1 септември годинава, од страна на официјалните ветеринари, посетени се вкупно 2020 одгледувалишта на молзни крави од евидентираните над 7 илјади фарми на кои се произведува сурово млеко. Од нив, 76 фарми се категоризирани во прва категорија. Станува збор за фарми кои ги исполнуваат европските стандарди за квалитет на сурово млеко кои дозволуваат максимум 400.000 соматски клетки и 100.000 бактерии во милилитар сурово млеко. Повеќето, односно 1536 фарми, се евидентирани како фарми од втора категорија, а во трета категорија, од страна на официјалните ветеринари, категоризирани се вкупно 576 фарми – истакна на конференцијата Ванчо Новоселски, раководител на Сектор за инспекциски надзор во Агенцијата.

Подигнувањето на квалитетот во производството на суровото млеко и унапредувањето на работењето на фармите и во наредните две години според него се основа, не само за постигнување на европските стандарди во производството и можност македонското млеко да се извезува и на европските пазари, туку и за зголемување на субвенциите за производство на млеко. Досегашните контроли на терен, рече тој, утврдија недоследности кои брзо и лесно може да се надминат со едукација на примарните производители и на откупувачите и преработувачите на млеко за што Агенцијата активно работи во изминатиов период. Тој потенцира дека одгледувалиштата , чие млеко заклучно со 2020 година нема да ги исполнат соодветните критериуми и барања за квалитет, нема да можат слободно да го ставаат во промет млекото кое е наменето за исхрана на луѓето.

Еднаквиот пристап во едукацијата на фармерите, откупувачите на млеко и соработката со официјалните ветеринари, за Дарко Петровски раководител на Одделението за ветеринарно јавно здравство во Агенцијата, е добра основа за категоризирање на поголем број во фарми во прва класа, односно за побрзо и полесно преструктуирање на фармите од втора во прва категорија и достигнување на европскиот стандард во производството од 100 илјади микроорганизми и 400 илјади соматски клети во милилитар сурово млеко.Досега се одржани повеќе обуки во сите региони од земјава, но, неминовно е, додаде тој, континуирано да се работи и на едукација на лицата кои непосредно се вклучени во процесот на собирање на суровото млеко од примарните производители и оние кои земаат мостри за лабораториско испитување.

Професор Дејан Јанкуловски од Факултетот за ветеринарна медицина пред учесниците на работилницата појасни дека во развиените земји, категоризацијата на фармите со молзни крави се врши не само по бројот на животни кои се одгледуваат на фармите, бројот на соматските клетки и бактериите во млекото, туку и според квалитетот на протеините, мастите, лактозата, кетозата, состојбата со уреа, субклиничкиот маститис кај грлата и други параметри, преку кои се има непосреден увид не само во квалитетот на млекото, туку и во здравствената состојба на секое молзно грло и квалитетот на храната која се користи за нивна исхрана.

За да се достигнат европските стандарди во производството на сурово млеко, според професор Љупчо Ангеловски од Факултетот за ветеринарна медицина од исклучителна важност е во наредниов период фармерите да се насочат кон професионализација во производството и кон окрупнување на фармите, процес кој е неминовен и кој реално се случи кај повеќето земји кои во изминативе години се придружија на Европската унија. До откупувачите на млеко тој упати апел да обрнат внимание при земањето на мострите и нивниот транспорт, со цел добивање на реални параметри за квалитетот, при лабораториските испитувања на суровото млеко.

Д-р Сандра Мојсова од Факултетот за ветеринарна медицина на работилницата говореше за маститисот кај кравите и неговото влијание врз квалитетот и хигиената на суровото млеко, истакнувајќи дека ова заболување носи големи економски загуби и за фармерите и за откупувачите на млеко.