03/12/2024
Охрид

Екипи од Центарот за јавно здравје ќе земаат материјал за анализа од дома

Со цел да се намали ризикот од ширењето на корона вирусот и заштити популацијата на стари лица, како ранлива и најпогодена категорија од епидемијата на корона вирус, Центар за јавно здравје Охрид овозможува за лицата над 65 годишна возраст како и за лицата кои немаат неопходна друга потреба да излегуваат од своите домови, бремените жени, лица со хендикеп, а имаат потреба од користење на услугите на микробиолошката лабораторија во Центар за јавно здравје Охрид, да им биде извршена услугата/анализата без да излегуваат од своите домови и доаѓаат во оваа установа.

Секој работен ден од 8:00 до 13:00 ч. горенаведените категории на пациенти можат да се јават на еден од телефоните: 046 231 030, 078 488 255 или на е-маил: mikroohrid@gmail.com каде операторите од ЦЈЗ ќе ги евидентираат личните податоци и адреса на живеење на пациентот, како и податоците за видот на микробиолошката анализа која треба да се направи, согласно упатот од матичен лекар, по што мобилна екипа на Центар за јавно здравје Охрид ќе дојде на домашна адреса на пациентот да го земе потребниот материјал за анализа.

Веднаш по завршување на анализата, наодите ќе бидат испратени на е-маил или доставени на домашна адреса на пациентот.

Центарот за јавно здравје апелира за максимална сериозност во почитување на мерките и препораките за заштита од корона вирус донесени од Владата на РСМ.