13/07/2024
Охрид

Еразмус+ мобилност на делегација од ООУ „Ванчо Николески“ во Ризе, Турција

Делегација од ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец, Охрид во состав: педагогот Весна Терзиоска, директорот Сашо Климоски, како и наставниците: Валентина Караѓуле, Јасна Бадалоска и Марјана Крстаноска, беа учесници на третата мобилност од Еразмус + проектот ,,Strategies for improving attendance and reducing truancy”/„Стратегии за подобрување присуство и бегање од часови“, што се реализира во Ризе, Турција. На оваа мобилност присуствуваа претставници од училиштата од сите партнери во проектот: Македонија, Србија, Словенија, Италија и домаќините – Турција.

Темата на оваа мобилност беше мотивацијата на учениците преку примена на разни интеракциски техники на работа, со посебен акцент на наставниот предмет англиски јазик. Според претходно утврдена агенда за работа, учесниците работеа и разменуваа искуства за подобри техники со цел зголемување на заинтересираноста на учениците и подобрување на квалитетот во наставата, преку обезбедување интелектуална освен физичка присутност на часовите.

Во рамки на мобилноста од страна на сите учесници во проектот се реализирааа часови во второ и трето одделение во турското училиште Işıklı 60.Yıl İlkokulu. Во текот на престојот во Турција учесниците имаа стручни предавања и презентации од универзитетски професори, но и секоја земја учесник имаше презентација за својата национална програма за работа со англиски јазик, поучувањето на англискиот јазик во своето училиште, како и презентација за сопствената традиционална кујна.

Учесниците на оваа мобилност имаа можност да посетат многу културно – историски знаменитости, како и природни убавини со кои располага овој регион, познат по обилните дождови и бујната вегетација. Во тој контекст беа посетени езерото Караѓул во месноста Борчка со прекрасната флора кое е заштитено како национален парк, градот Ардешен со неговите полиња за чај, тврдината и познатата стара чаршија во Ризе, како и градот Трабзон со разгледување на културно – историски споменици. Имаше и ден посветен за посета на Грузија, и тоа вториот град по големина – Батуми, кој е и главен град на Автономната Република Аџара, а се наоѓа на брегот на Црното Море во југозападниот дел на Грузија.

На крајот од мобилноста од страна на домаќините во општината Ризе беше организирана завршна свечена церемонија со традиционална музика и танци, со претставување на секоја земја партнер и доделување сертификати. Присутни беа градоначалникот на градот, претставникот од образование на општината и многубројни познати професори од други училишта.

Со реализација на целокупната агенда и цели, делегацијата од ова училиште се врати од Турција со позитивни, корисни искуства и впечатоци. Следната мобилност од овој проект е во Словенија, во Март 2023 година.


WebOhrid / 26.11.2022 / ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец