24/04/2024
Охрид

ЕРАЗМУС+ посета на охридските гимназијалки во Хрватска

Во рамки на Еразмус+ проектот ECHOSET, во период од 16 – 20 декември 2019 год., реализирана е првата мобилност во Хрватска. Четири ученички од втора година во состав: Јана Ангелоска, Драгана Усовиќ, Елена Цветаноска, Сара Коваческа со координаторот на проектот, психолог Алберта Гулицовска и проф.Александра Томоска, престојуваа во Хрватска, како гости на тамошното Економско училиште Пожега. Предводени од домаќините, заедно со учесниците од Полска, Шпанија, Германија и Литванија, учеа за тамошните божиќни традиции и обичаи, го запознаваа градот Пожега, на пошироката јавност познат по фабриката на чоколадо „Звечево“ и регионот на Славонија со богата историја и гастрономска понуда.

Празничниот период беше идеална можност да се посети прочуениот Адвент во Загреб со богатиот Божиќен базар, прошетка по Илица и горниот град каде тимовите во Scavenger Hunt следеа упатства од мобилните апликации и ги запознаваа важните загребски локалитети. Покрај тоа, ја посетија Лика и националниот парк Плитвички езера, огромен комплекс од вкупно 16 езера со фантастична природа, импресивна и во зимскиот период на годината.