28/03/2024
Македонија

Европските основи за надзор на употребата на ветеринарно медицинските препарати дел од националното законодавство

Начини на следливост, надзор и контрола на употребата на ветеринарно медицинските препарати и дефинирање на чекорите на постапката за пријавување на евентуална појава на несакани дејства од нивна употреба, се дел од темите на кои дискутираа официјалните ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници од научните институции и ветеринарните друштва, во рамки на дводневната работилница „Надзор на употребата на ветеринарно медицински препарати“ која изминативе два дена се одржа во рамки на твининг проектот за јакнење на капацитетите во Агенцијата за храна и ветеринарство, во делот на здравствена заштита на животните, кој се реализира со поддршка на Европската Унија.

Претставници од Секторот за ветеринарно јавно здравство и Одделението за ветеринарно медицински препарати на работилницата ја презентираа националната законска рамка која ја уредува оваа материја, ставајќи акцент на актуелната постапка за одобрување и ставање во промет на ветеринарно медицински препарати и медицинска храна која се користи во ветеринарната медицина.

Александро Боџине, експерт од Италија, на учесниците на работилницата им ги пренесе италијанските искуства за употреба на адитивите во храната за животни како промотори на растот и начините на воспоставување следливост и контрола на антимикробната резистентност кај животните. Во поглед на употребата на ветеринарно медицинските препарати, Боџине посочи дека европската директива 2011/82 различно се применува кај земјите членки, поради што ЕУ планира наскоро да ја укине и да донесе регулатива која ќе биде обврзувачка и еднакво ќе се применува во сите земји на Унијата.

Агенцијата за храна и ветеринарство, беше истакнато на работилницата, во наредниов период ќе се го доразвие воспоставениот систем за следливост на употребата на ветеринарно- медицинските препарати и ќе го воспостави системот за пријавување и следење на евентуалните несакани дејства од нивна употреба. Годинава, за прв пат, беше објаснето од надлежните, Агенцијата ќе почне со реализација на Програмата за следење на антимикробната отпорност од употреба на ветеринарно медицинските препарати во лекувањето на животните.