18/04/2024
Македонија

Филипче: Имунизацијата е еден од приоритетите на Министерството за здравство

Под мотото заштити, спречи, вакцинирај, по 13, пат се одбележува Европската недела на имунизација. Целта на овој настан е да се подигне свеста кај сите засегнати страни за бенефитите од имунизацијата и потребата од редовна вакцинација кај децата согласно Календарот за имунизација.

Вакцините го штитат детето од тешки заразни заболувања, а со тоа се создава колективен имунитет и заштита од епидемии на целата заедница.

Во таа насока, еден од главните приоритети на Министерството за здравство за оваа година е комплетно осовременување на Календарот за имунизација, со воведување нови вакцини, кои заштитуваат од стрептокока и од рота вируси, кои се причинители на тешки заболувања проследени со компликации кои најчесто се јавуваат кај малите деца до 5 годишна возраст. Новиот календар е комплетно усогласен со препораките на СЗО, во областа на имунизацијата.

Вакцинацијата е клучен приоритет и придобивка за јавното здравје. Активностите ќе продолжат и понатаму не само во рамки на одбележување на Европската недела на имунизација. Со континуирана промоција и едукација ќе бидат опфатени здравствени работници и родители, со цел и во иднина да се зголемува опфатот со сите вакцини и да не дозволиме долгогодишната традиција на успешна вакцинација да ја нарушиме, а со тоа да не дозволиме појава на заразни болести и епидемии во државата.

Имунизацијата е еден од приоритетите на Министерството за здравство, бидејќи е значајна здравствена, социјална и економска придобивка. Националното координативно тело за вакцинација е одговорно за целокупниот процес за вакцинација во земјава. Продолжуваме заеднички да работиме за да обезбедиме квалитетни вакцини, по нов осовремен календар, a со правилна регионална и епидемиолошка динамика на нарачување и без облигативни количини, ќе овозможиме релокација и правилно искористување на средствата од веќе предвидени во програмите за имунизација.