25/04/2024
Македонија

Филипче: Oстанете дома и најстрого придржувајте се до мерките за заштита и превенција

Вкупната бројка на заболени во нашата земја изнесува 31 пациент. Од попладневните 5 новозаболени, освен четирите здравствени работници од Дебар, исто така позитивен е тестот и на сопругата на утрово дијагностицираниот пациент чијшто тест го потврдивме од болницата „Жан Митев“. Таа ќе биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Другите 4 заболени се здравствени работници од матична установа од приватна здравствена установа од Дебар. Дел се носители, само позитивни, веројатно дека ќе ја развијат болеста – беа скринирани како резултат на поширокиот скрининг којшто започна да се прави во овој регион, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Од утре во дебарската болница ќе престојуваат и двајца доктори од Клиниката за пулмологија за да го надополнат капацитетот и да помогнат на останатите здравствени работници – епидемиологот и тројцата инфектолози, вклучително и инфектологот од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

„Целосно сме свесни дека здравствените работници се едни од најекспонираните и за време на работата и надвор од здравствените установи, но ние мора да правиме се за да ги заштитиме, заради тоа што во овие услови како и во сите други тоа е многу потребно. Мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем за сите. Нема да има оправдување за ниту еден кој нема да се придржува до мерките коишто се донесени како одлуки на Владата. Мора да биде нивото на свест за почитување на овие одлуки исклучително високо заради тоа што од тоа зависи јавното здравје, важно за сите нас. Исклучително важно е за здравствени работници, заради тоа што тие требаат сега, како што требале порано, како што ќе требаат и понатаму кога овие моменти ќе бидат далечно минато. Тие здравствени работници имаат семејства кои се грижат за нив. Макотрпно и пожртвувано работат, се жртвувале во текот на животот, се едуцирале за да помагаат на нашите сограѓани.

Упатувам порака до колегите, здравствени работници – трудот и напорот и улогата којашто се дава во овој момент е непроценлив. Апелирам до граѓаните останете дома и најстрого придржувајте се до мерките за заштита и превенција“, додаде Филипче.