29/03/2024
Македонија

Филиповска-Грашкоска: Уредбите, одлуките и протоколите треба и мора да се почитуваат

Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска денеска на редовна прес-конференција информираше за активностите и надзорите на шесте инспекциски служби во периодот од 10-16 јуни. Во овој период се извршени вкупно 6.188 вонредни инспекциски надзори, во врска со сите усвоени акти на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.

„Најголемиот број од инспекциските надзори 4.862 контроли се направени од инспекторите од Државниот пазарен инспекторат со поддршка на финансиска полиција, или со припадници на полицијата. При тоа се утврдени девет прекршувања на протоколите, од кои седум се однесуваат на протоколот за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти и тоа четири во Скопје, по еден во Битола, Струга и Тетово, и два прекршока на протоколи во обложувалници во Тетово и Гостивар за што се предложени и соодветни кривични и прекршочни санкции. Воедно констатирани се незначителен број, или вкупно шест прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, при што е укажано на правните лица и веднаш постапено“, рече Филиповска-Грашкоска.

Претседателката на Инспекциски совет истакна дека Државниот инспекторат за труд, беше особено активен, при што реализираше вкупно 670 контроли кај работодавачи, во коишто се вработени вкупно над 12.000 лица.

„За периодот од 10 – 16 јуни од страна на овој инспекторат донесени се 25 решенија и 25 укажувања на работодавачите за носење заштитни маски, заштитни ракавици, користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените од ризичните групи“, посочи Филиповска-Грашкоска.  

При контролите утврдено е дека работодавачите согласно препораките од работните задачи имаат ослободено над 130 лица по основ на грижа за деца под 10 години, околу 50 лица по основ на хронична болест и 95 бремени жени.

Директорот на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, укажа на една појава при пријавување на претставки во трудовата инспекција.

„Најстариот начин на пријавување на претставките е преку нашиот веб сајт каде што има две можности, од анонимен подносител и од познат подносител. Јас на претходна прес-конференција укажав дека ние ќе ја чуваме анонимноста докрај и граѓаните што имаат жалби и поплаки по основ на работен однос или по законот за безбедност и здравје при работа да не чекаат, веднаш да пријавуваат. Во пракса што се случува? Преку веб сајтот има и анонимни претставки каде што подносителот не кажува податоци за себе или контакт телефон или е-маил адреса или било каков контакт и не кажува за која фирма се работи. Ние и хипотетички не знаеме каде да постапуваме. Затоа, кога пишуваат, знам дека од мака пишуваат, кога пишуваат претставка, да напишат сè што треба“, посочи Хавзиу.

Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 196 надзори во повеќе градови низ државата во правни субјекти од нивна надлежност. Издаден е еден платен налог поради непостапување по претходно издадено решение, како и 22 казнени мерки едукации поради тоа што не се воспоставени и имплементирани процедури за добра хигиенска пракса, лоша општа хигиена во објектите и за нередовно водење на записи за дезинфекција и следење на температура во разладни уреди.

Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 10-16 јуни, направи вкупно 274 надзор. Меѓуопштинскиот сообраќај сè уште е намален за околу 90%, а тој транспорт кој се реализира, генерално е со почитување на Владините уредби, одлуки и протоколи. Релацијата Скопје-Тетово и обратно по одлука на Владата се уште не се одвива со организиран меѓуградски транспорт.

Транспортниот инспекторат забележа вкупно 13 прекршувања на уредбите и протоколите и тоа 3 прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во општина Штип и уште по едно прекршување кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во Кавадарци и во Скопје, како и 8 прекршувања кои се однесуваат на превоз без дозвола за меѓународен линиски превоз.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведе вкупно 131 надзори во субјекти во нивна надлежност, во овој период издадени се 71 дозвола на транспортери професионални возачи, а во овие неколку дена ДСЗИ издаде и 474 решенија  за лица кои го напуштиле државниот  карантин (со негативен PCR тест) и се упатени во  домашна изолација, со што се драстично се олеснува периодот на изолација на граѓаните.

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 55 контроли. При тоа е констатирано дека нема специфични отстапувања.

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска соопшти дека Владата на 69-та седница, одржана на 16-ти јуни, го усвои Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други објекти за сместување), со кои се предвидени процедури за хотелскиот дел, ресторански процедури, употребата на санитарните јазли, општи препораки за гостите и препораки за постапување при појава на случај со симптоми со КОВИД-19.

„Ги повикувам хотелиерите, кои го очекуваа овој протокол, сериозно да пристапат кон правилна примена на сите мерки од овој протокол но и за сите други протоколи кои се однесуваат на работните места или организација на конференции, состаноци и други видови на обуки. Сите овие протоколи се значајни пред се за заштита на јавното здравје, заштита на гостите и посетителите на хотелите и заштита на персоналот кој работи во хотелите. Протоколите кои се однесуваат на мерките за превенција и спречувањето на ширењето на коронавирусот КОВИД-19, по објавата во Службен весник, се објавуваат  и на специјализираната веб страница koronavirus.gov.mk, каде што сите заинтересирани може да се информираат за сите мерки коишто Владата ги носи“, информираше Филипоска-Грашкоска.