19/04/2024
Охрид

Филмот И(с)ЗГУБЕНИ утре ќе се прикажува на 39 издание на Фестивалот „Браќа Манаки“

Краткометражниот игран филм И(с)ЗГУБЕНИ во режија на Антонио Вељаноски, утре (26.09.2018) во 20:15 часот ќе се прикажува на 39 издание на Фестивалот „Браќа Манаки“.

И(с)ЗГУБЕНИ е филм за осаменоста, надежта и љубовта. Кога осамениот пензиониран лингвист Рудолф (77), оди во поштата, по пат е следен од едно куче од кое не може да се ослободи. Ова ќе доведе до целосна и неочекувана промена во неговиот живот…

Главните улоги во филмот ги толкуваат легендарниот чешки актер Јан Качер и позната чешка актерка Марие Дурнова.

Авторската екипа на филмот ја сочинуваат:

​Сценарио и ​Режија: Антонио Вељаноски; Директор на фотографија: Владимир Димоски; Сценограф и костимограф: Катерина Јирманова; Монтажа Лука Џикановиќ и Антонио Вељаноски; Композитор: Игор Василев Новоградска; Продуцент на сет: Зоран Вељаноски Летра​,​ Продуцент на филмот: Елена Станишева.

Филмот е во ко-продукција со ФАМУ и ФАМУ Студиото од Чешка и истиот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Р. Македонија.

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските професионалци на Македонија, а во соработка со градот – домаќин Битола и Кинотеката на Македонија. Основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата МАНАКИ: Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964).