28/03/2024
Македонија

Фирмите добија 196 милиони евра поврат на ДДВ во првото полугодие, за 20% повеќе од лани

Преку 12 милијарди денари или 196 милиони евра се инјектирани во стопанството во првата половина од годинава, преку редовен и неселективен поврат на ДДВ кон фирмите. Согласно податоците на Министерството за финансии повратот на ДДВ кон фирмите заклучно јуни е поголем за околу 20% во однос на истиот период лани или за скоро 2 милијарди денари.

Ако се направи споредба пак со 2017 година, повратот на ДДВ во првото полугодие е повисок за 3,2 милијарди денари или за околу 37%. Во споредба со 2016 година повратот е повисок за 4,9 милијарди денари или 69%.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези вели дека со редовниот и неселективен поврат на ДДВ се подобрува ликвидноста на фирмите.

-Навремениот и неселeктивен поврат на ДДВ е значаен за непречено оперативно работење на фирмите, но и за нивната инвестициска активност. Затоа Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање даноци кон сите даночни обврзници. Главната цел е прецизно и навремено извршување на повратот и пребивањето даноци кон даночните обврзници – вели Елези.

Заменик министерката за финансии посочува дека позитивните тенденции во стопанството се огледаат и преку добрата наплата на даночните приходи, вклучително и ДДВ. Таа додава и дека засилената активност на фирмите се покажува преку високиот раст на брутоинвестициите од 9,9% во прво тримесечје од 2019 година.