19/04/2024
Македонија

Фотоизложба „Прајд фото авард“ утревечер во Мала станица

Утре во 20 часот во Мала станица, на Националната галерија на Македонија во организација на коалицијата СЗПМЗ ќе биде отворена изложбата на победничките фотографии на „Прајд фото авард“ (Pride Photo Award) за 2016…Изложбата ќе ја отворат министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски и амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Вилем Пломп.

„Прајд фото авард“ е меѓународен годишен фотографски конкурс со фокус на сексуалниот диверзитет и родовиот идентитет. Секоја година фотографи ширум светот ги споделуваат своите најкреативни, најпредизвикувачки и нестереотипни погледи на родот и сексуалноста. Меѓународно експертско жири ги селектира најдобрите дела, по што се организира светска изложба. Изложбата веќе беше поставена во Амстердам, Болоња, Џакарта, Ханој и Сан Франциско.

Оваа изложба има за цел да придонесе кон поправичен и инклузивен свет преку видливост на сексуалниот и родов диверзитет и создавање свесност за „другиот“.

Изложбата е во организација на Холандските амбасади во Тирана, Приштина и Скопје, во партнерство со Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, а се реализира со финансиска поддршка од Град Амстердам и фондациите Ахмеа и Фондс.