19/04/2024
Охрид

ГДУ: Градот Охрид стана сѐ почесто мета на партиски пазарења

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) – Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„За жал, градот Охрид стана сѐ почесто мета на партиски пазарења. За жал, тоа што се случуваше во минатото, се случува и сега. Искрено сме запрепастени од досегашното владеење на СДСМ, бидејќи очекувавме дека ќе биде поразлично од претходното, ако не барем да не биде до овој степен. Накратко само се заменаа деспотите, стана еден а пак седна друг. Политиката иста, пазарот исти, само граѓаните на Охрид се во помал број. Воедно тоа што се случуваше во Охрид со Бакрачески, си продолжи со исто темпо и со Георгиевски, ама баш исто, за момент наликува како да се имитираат меѓусебно. Како и тогаш, решавачкиот глас го даваше Нефи Усени, а и сега иста му е задачата, а рака на срце и пазарот е тотално ист.

УНЕСКО и пред три години истото го бараше, и пред 8 години, но пазарот и изборите се впрочем многу поважни отколку УНЕСКО и граѓаните. Целата шпекулација и манипулација за време на изборите беше баш на сметка на дивоградбите, но каков е резултатот и исходот, баш каков што и предвидувавме, иако се надевавме дека постои мала шанса да не се случи ова. Всушност како што напомена и градоначалникот, нема селективност и не може да има, но некако заборава дека теоријата и праксата се две различни работи.

Вчера бевме сведоци на фамозното отварање на најновата пицерија која беше отворена од струшкиот градоначалник, кој воедно е и од редовите на СДСМ и ДУИ. Тоа е само уште еден доказ за лицемерието на СДСМ, на локалната самоуправа, градоначалникот на Охрид и на премиерот.

Од името на ГДУ-Охрид и на нашите сограѓани, ве замолуваме да постапувате по законите и да важи законот за секого исто. Искрено се надеваме и очекуваме да се преземат соодветни мерки и да се спречи ова крајно беззаконие и безредие. Да напоменеме, не ни требаат пресови на кои повторно ќе кажете дека е дивоградба и дека ќе ја рушите, впрочем ако одиме по ред досега 4-5 пати најавувате рушење, но наместо тоа гледаме спектакуларни отварања и тоа со коалициски фаци и функционери.“ – стои во соопштението од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) – Охрид.