24/04/2024
Охрид

ГДУ: Надлежните во најбрз можен рок да ја исчистат „џунглата“ на булеварот „Св.Наум Охридски“

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) – Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„За жал, реалноста е премногу сурова во овој наш бисер, во нашиот Охрид. Далеку сме ние од промоција и подобрување на туризмот во нашиот град. Локалната власт не е способна да ги среди основните работи и основните потреби во Охрид. Така во оваа прилика ќе се обратиме до локалната самоуправа и до самиот градоначалник, во најбрз можен рок да ја исчистат „џунглата“ на булеварот „Св.Наум Охридски“. Жалосно е тоа што веќе се ближи крајот на јуни и доаѓа јули, а локалната самоуправа како да е во некој зимски сон. Тука ќе напоменеме дека не е потребна ниту инвестиција, ниту квантна физика, ниту мнозинство во Советот, едноставно само претпријатијата да си ја сработат работата.

Меѓу другото истиот тој булевар е најударното место во сред сезона во градот Охрид. Овај булевар го поминува секој гостин на градот Охрид, а тоа што ќе го види е срамно и жалосно, чиниш за момент дека се спремаат за зимска сезона, па и оправдано чекаат, имаат време до декември.

Во име на ГДУ и на секој наш сограѓанин, ве замолуваме итно да се преземат мерки и да се исчисти и искоси тревата. Се надеваме дека нема да излезат со соопшение дека чекале одобрение или бараат фирма која ќе руши дивоградби, овде нема потреба од такви маневри. Всушност тука и нема зделки, тендери, па затоа и интересот е под нулата.“ – стои во соопштението од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) – Охрид.