20/04/2024
Охрид

Генерал Филип Котели: Македонија конечно го фати вистинскиот пат

Македонија конечно го фати вистинскиот пат, кој ќе не извлече од долгогодишната криза и ќорсокакот како на внатрешен, така и на надворешен план, пред се, во евро-атланското поврзување – им се обрати генералот во пензија Филип Котели, претседателот на Сојузот на здруженијата не ветераните од одбраната и безбедноста на Република Македонија, на своите раководители и членството од општинските организации од Западна Македонија.

Генерал Котели, посебно се осврна на актуелниот момент, од аспект на мирот, безбедноста и взаемното почитување и разбирање.

„Изминатиов месец, имав работни средби со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Можам да ви пренесам дека почувствував вистинска посветеност, во правец на градењето на мирот и безбедноста, што е од особена животна важност, не само за граѓаните во нашата земја, туку и во соседството и регионот“. – додаде Котели на средбата со здруженијата не ветераните од одбраната и безбедноста за Охрид, Струга, Дебар, Ростуше и Маврови Анови.

Генерал Котели, посебно го апострофираше охридското здружение, како најбројно и најактивно, потенцирајќи дека тоа е репрезент во земјата и странство, со развиени контакти и соработка со ветераните од Албанија, Бугарија и Србија.

„Не сте само добри, туку стe најдобри, можеби и затоа што ве води полковник Добре (Вељаноски),“ – се пошегува Котели пред охриѓани, кои, пак, му возвратија, дека е тоа така, односно дека не треба да се заборави и фактот дека и Филип Котели е од Охрид.