18/04/2024
Македонија

Генерално собрание на ОИЕ во Париз: Новите стандарди за контрола на болестите кај животните, топ тема

Во период од 21 до 25 мај 2018 година, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, г-дин Зоран Атанасов, во улога на делегат и главен ветеринарен службеник, учествува на 86 Генерално Собрание на Светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ) кое се одржува во Париз, Франција. Основна тема на Генералното собрание на ОИЕ оваа година се новите стандарди кои се воспоставуваат од аспект на мерки за контрола на болести кај животните, вклучително и мерките за контрола на болестите кај животните кои се пренесуваат на луѓето, мерки за обезбедување безбедност при меѓународна трговија со животни и производи од животинско потекло, како и благосостојбата на животните.

Агендата на настанот опфаќаше теми поврзани со градење на капацитетите на надлежните органи во однос на воспоставување и имплементација на стандардите на ОИЕ како и напредокот на спроведување на Стратешкиот план за приодот 2016 – 2020 година.

Директорот Атанасов ја искористи оваа можност да оствари билатерални разговори со директорите на ветеринарните служби од Италија, Романија и Полска на кои се дискутираше на тема воспоставување взаемна професионална соработка со цел зајакнување на капацитетите на националните ветеринарни служби со цел постигнување униформност, ефикасност и стручност во процесот на воведување и имплементација на новите мерките за контрола и искоренување на болестите кај животните.

На средбите кои директорот Атанасов ги оствари со претставниците од ветеринарните служби во земјите од регионот (Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија) тема на разговор беа заедничките иницијативи со цел обезбедување униформен пристап при утврдување на статусот на животните во однос на одредени болести, како и идеи за продолжување и зајакнување на заедничкита соработка и преземање иницијативи со цел контрола на меѓуграничките болести кај животните.

Во рамки на 86 Генерално Собрание на ОИЕ се одржа и состанок со високи претставници на Европската комисија на кој се презентираше актуелната состојба во однос на болеста африканска чума кај свињите и особено се посвети внимание на болеста на чвореста кожа, актуелната ситуација со болеста во засегнатите земји, како и напредокот на процесот на вакцинација на говедата против оваа болест и повратните информации од теренот.

Директорот Атанасов и претставниците на Европската комисија ја искористија оваа можност во рамки на овој состанок да започнат со процесот на координација во насока на организирање на конференцијата на Постојаната експертска група за болеста чвореста кожа при глобалната рамка за прогресивна контрола на меѓугранични болести кај животните (GF TAD’s) која е закажана и според планираното треба да се одржи во октомври 2018 година, а чиј домаќин ќе биде Агенцијата за храна и ветеринарство.