20/04/2024
Охрид

Георгиески: Нашата визија за Охрид е 365 дена дестинација, 365 дена можности за сите!

СДСМ Охрид и коалицијата „Најдоброто за Охрид“ денес одржа прес-конференција на која се обрати кандидатот за градоначалник, д-р Константин Георгиески.

„Нашата визија за Охрид е 365 ДЕНА ДЕСТИНАЦИЈА, 365 ДЕНА МОЖНОСТИ ЗА СИТЕ!

Овој развоен концепт има огромен потенцијал. За нас охриѓани поттик на економската активност од најмалите до најголемите бизниси, за гостите задоволство од содржините што им стојат на располагање 365 дена во годината.

Создавањето на вакви можности несомнено ќе донесе развој, поттикнување на постојната и креирање на нова понуда, развој на услуги и сервиси, развој на нови уникатни производи. Оваа динамична приказна, отвара шанса, младата генерација да размислува што да создаде, наместо каде да отиде.

Сериозно работиме на дигитализација на понудата и информациите за Охрид, со што на гостите им овозможуваме брзо и едноставно да стигнат до информацијата, производот и услугата што им е потребна. Ова се постигнува преку креирање на интернет портал и апликација „Цел Охрид на клик“.

На оваа современа платформа прeдвидено е да бидат излистани сите информации за градот и туристичката понуда, хотели, апартмани, ресторани и кафулиња, малопродажба, авто и воден превоз, туристички водичи, настани, случувања и други важни информации.

Преку овој портал, со препознатлив изглед, создаваме едноставен канал за користење на услуги, но и нивна промоција, со што значително придонесуваме за навремена информираност и квалитетна услуга за туристите.

Нашата Предизборна програма е подготвена врз основа на темелни анализи и реални потреби. Нудиме најдобри проекти и политики за подобар напредок на Охрид. Покажавме дека имаме капацитет за реализирање на големи и важни проекти.

На 17ти октомври да го одбереме најдоброто за нашиот град. На 17ти октомври да гласаме за бројот 12 и да донесеме уште една голема победа во Охрид!“ – истакна Георгиески.