11/10/2024
Охрид

Георгиески: Успеавме да го подигнеме образованието во Охрид на едно повисоко ниво

СДСМ Охрид и коалицијата „Најдоброто за Охрид“ денес одржа прес-конференција на која се обрати кандидатот за градоначалник, д-р Константин Георгиески.

„Охрид е град на Свети Климент, град на писменоста и заслужува да ги носи овие епитети. Затоа, во текот на иминатите две години започнавме со реализација на нашата амбициозна програма, со која значително ги подобривме условите за настава во сите училишта и успеавме да го подигнеме образованието во Охрид на едно повисоко ниво.

Нашите деца и внуци, ГОДИНИ и ДЕЦЕНИИ наназад учеа во училници во кои имаше провев од сите страни, во кои прокиснуваа таваните, подовите се распаѓаа, а наставата се одвиваше во објекти, во кои немаше инвестирано ни еден денар.

Преку посветена работа и голем ангажман, значително ја променивме таа слика. Со темелна анализа и дефинирани приоритети, реализиравме крупни проекти со кои значително ги подобривме условите во сите основни и средни училишта. Поставени се нови покриви на 5 училишни објекти, инвестирано е во нови фасади, нова дограма, извршена е промена на подови, реконструкција на тавани, ѕидови и санитарни јазли.

Како еден пример од нашата работа е денешниот изглед на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“, каде што се извршени низа инвестиции и изградена е нова спортска сала, по сите современи стандарди.

Како власт, покажавме дека НИЕ нема потреба да ГАРАНТИРАМЕ, затоа што ние РЕАЛИЗИРАМЕ! Нашето „ЌЕ“ се гледа на ДЕЛО. Нашите резултати од работата нема да се поклопат со ниту една лага и манипулација. Граѓаните ги гледаат нашите успеси и умеат да направат разлика.

Вложуваме во нашите деца и млади, бидејќи тоа е вложување во нашата иднина. Нашата цел е Охрид да биде Град со НАЈДОБАР стандард за образование во нашата држава.

Продолжуваме со ИНВЕСТИЦИИ во сите училишта и ги подобруваме условите за учениците. Работиме според приоритетните потреби и обезбедуваме реконструкција на објектите и набавка на училишна опрема за сите основни и средни училишта. Создаваме услови за воспитување и образование во сите делови на градот, обезбедуваме квалитетно образование достапно за сите.

Во претстојниот мандат ПРЕДВИДУВАМЕ изградба на нови објекти на основните училишта „Григор Прличев“ и „Братство Единство“, Комлетна реконструкција на гимназијата „Свети Климент Охридски“, Проекти за поддршка на дуалното образование, Иницијатива за отворање на нови паралелки во медицинските струки и многу други инвестиции.

Почитувани сограѓани, ајде заедно да продолжиме заедно на патот кон нови успеси и подобри услови за сите генерации. На 17-ти октомври да го заокружиме бројот 12 за уште една ГОЛЕМА ПОБЕДА ВО ОХРИД!“ – истакна Георгиески.