24/04/2024
Охрид

Георгиески: Заштитата на животната средина е еден од најважните приоритети во нашето работење

Охридскиот регион заедно со Охридското Езеро е непроценливо природно богатство, па затоа Заштитата на животната средина е еден од најважните приоритети во нашето работење, рече на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Константин Георгиески.

„Колекторскиот систем долги години не беше функционален со целиот свој капацитет, а во одредени периоди во годината претставуваше огромен еколошки проблем за Охридското Езеро. Благодарение на посветеноста на Премиерот Зоран Заев и на Владата, веќе се преземени конкретни мерки за решавање на ова горливо прашање, на што сме посебно горди. Донесена е одлука за Формирање на ново Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на Колекторскиот систем.

Во насока на заштита на езерото, преземени се и конкретни чекори заедно со општините Дебрца и Струга за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Според најавите, проектот ќе се реализира со средства од европските фондови.

Исто така започната е постапка за изработка на Студија за валоризација на Студенчишкото Блато, а во тек е подготовка на нов Локален еколошки акционен план на Општина Охрид.

За подигнување на капацитетот и подобрување на услугите, за потребите на ЈП „Охридски Комуналец“ набавени се 7 специјални комунални возила, а во соработка со ова претпријатие веќе се преземени конкретни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници согласно сите позитивни законски прописи.“– истакна Георгиески.

Како што кажа Георгиески, во нивната Предизборна програма има уште многу планови, со кои како што рече сакаат да придонесат за современи еколошки стандарди какви што му доликуваат на еден туристички центар.

„Планираме да ги следиме стандардите за модерно одлагање на отпад во урбаните зони, а ќе реализираме и проекти за осовременување на примарната селекција на отпадот во домаќинствата. Ќе преземеме активности за поставување на нови подземни и прес-контејнери, за кои веќе има утврдени локации. Вложуваме напори за изнаоѓање на Локација за депонирање на градежен шут и цврст отпад со што би се решил проблемот со дивите депонии во околината, особено во делот на Националниот Парк „Галичица”. Планираме опремување на современа Претоварна станица за комунален отпад како и поставување на мерна станица за контрола на квалитетот на воздухот во Охрид.

Знаеме дека граѓаните се јасни и сериозни во своите барања за чиста животна средина, одговорно ги слушаме и ги разбираме нивните потреби и посветено работиме да донесеме видливи резултати!

Охрид заслужува да одинапред, охриѓани заслужуваат повеќе! На 21-ви април да го избереме бројот 7! Заедно Напред за Охрид!“ – додаде Георгиески.

WebOhrid