28/03/2024
Охрид

Германска донација за охридските пожарникари

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски денеска прими делегација од Дортмунд – Германија предводена од Рудигер Шмит член на градскиот совет. Повод за средбата беше  германската донација на противпожарна   опрема за  Територијалната противпожарната единица од Охрид.

„Искрено се радувам на посетата на  Рудигер Шмит, член на Градскиот совет на Дортмунд од германската покраина Северна Рајна Вестфалија и разговорите што ги водевме за досегашната и продлабочување на соработката во иднина. Благодарни сме на донацијата за потребите на нашата Територијана противпожарна единица и се надеваме дека во иднина заеднички ќе најдеме начини за користење на искуствата на нивните противпожарни единици во кои има околу 900 вработени-рече градоначалникот Јован Стојаноски.Тој додаде дека Локалната самоуправа планира да се дислоцира Територијалната противпожарна единица во новоизградени простории според најсовремените стандарди, а ќе се прават напори за обновување на возниот парк, бидејќи сегашните возила во просек се стари 36 години.

Членот на Градскиот совет на Дормунд Рудигер Шмит , се заблагодари за приемот и разговорите со градоначалникот Јован Стојаноски и рече дека има уште многу простор за соработка. Тој најави дека од 27.10.2018 година ќе се воведе нова редовна авио- линија меѓу Дортмунд и Охрид, која ќе придонесе за развој на  туризмот, но и подобра соработка на бизнис заедниците.

По средбата со градоначалникот Стојаноски, гостите од Германија  беа во посета на Територијалната противпожарна единица од Охрид каде ја донираа опремата од заштитни палта за гаснење пожар,шлемови, чизми, противпожарна арматура и гумени резервоари до  1 000 литри  за теренски интервенции на планина.  По  запознавањето  со условите  за работа на охридските пожарникари  германската делегација изрази уверување за идна соработка.