29/03/2024
Македонија

Го “режирал“ сопственото грабнување бидејќи имал финансиски проблеми

Секторот за внатрешни работи Тетово целосно го расчисти случајот со пријавеното грабнување на 52 годишниот А.А. од село Жеровјане, тетовско.

Имено, како што претходно беше информирана јавноста, најпрво завчера (08.11.) во 15,00 часот во Полициска станица Жеровјане беше пријавено “исчезнувањето“ на А.А. По ова, на телефонот на зетот на А.А., Н.Б. (33) од село Боговиње, тетовско, му пристигнале СМС пораки дека “исчезнатиот“ со неговото возило всушност бил задржан од непознати лица, и дека наводно ќе бил пуштен откако ќе се даде одредена сума на пари. Веднаш потоа Н.Б. вчера (09.11.) околу 18,00 часот, во Полициската станица Тетово го пријавил случајот како грабнување.

Од страна Секторот за внатрешни работи Тетово, по примената пријава, беа превземени повеќе конкретни мерки и активности и денеска А.А. беше пронајден во Гостивар, по што беше повикан во Полициската станица Тетово.

Во разговорот со него утврдено е дека тој целосно го измислил случајот со грабнувањето заради тоа што бил соочен со повеќе финансиски проблеми. По комплетното расветлување на сите поединости, а во консултација и координација со јавен обвинител, СВР Тетово против А.А. ќе поднесе соодветна пријава.