29/03/2024
ДебрцаСтруга

Годинава физибилити студија за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, забелешките на УНЕСКО ќе се разгледаат

Јавното претпријатие за државни патишта годинава планира да ангажира проектант за изработка на физибилити студија врз основа на идеен проект за идниот автопат Требеништа-Струга-Ќафасан на патниот Коридор 8. Документацијата ќе се изготви во согласност со ФИДИК правилата за подготовка на тендерска документација за градење на вакви инфраструктурни проекти, велат за „Мета.мк“ од ЈП за државни патишта.

Од ова јавно претпријатие го добиле и го разгледале Нацрт-извештајот на УНЕСКО за состојбата со природното и културното богатство на Охридскиот регион. Тие посочуваат дека вклучените технички препораки во извештајот ќе бидат разгледани на техничко ниво и во координација со другите јавни претпријатија до кои се упатени забелешките од УНЕСКО.

Инаку, „Мета.мк“ веќе пишуваше за препораките на УНЕСКО во најновиот Нацрт-извештај, во кои се вели дека пругата, автопатот, далноводот и гасоводот меѓу Македонија и Албанија треба да одат по иста траса во Струшкиот регион, како би се избегнало загрозување на уникатниот биодиверзитет и пејсажот заштитен од УНЕСКО. Притоа, посебно внимание во овој извештај се става на идното железничко и автопатско поврзување меѓу двете земји, за кое се бара да се градат во еден тунел под планината Јабланица.

Во однос на ваквите препораки од УНЕСКО, од ЈП за државни патишта информираат дека стручните лица-проектанти и ревиденти ќе ги разгледаат техничките возможни решенија за автопатот, при што ставовите на ова претпријатие ќе се презентираат на Работната група на ниво на Влада, а конечните ставови и координирањето во однос на инфраструктурните проекти на ЈП за државни патишта, ЈП за железничка инфраструктура, МЕПСО и Национални енергетски ресурси ќе го врши Владата и Националната комисија за УНЕСКО при Министерството за култура.

Од ЈП за државни патишта информираат дека во вториот квартал од 2021 година треба да започне рехабилитацијата на постојниот патен правец од Подмоље преку Струга до граничниот премин Ќафасан, со што конечно ќе се реши проблемот со оштетениот коловоз.

Во однос на изградбата на новиот автопат кон Ќафасан, прецизни рокови нема, но најпрво ќе се чека изработката на физибилити студија и проектната документација, како и обезбедувањето на финансиски средства за овој сегмент од Коридорот 8.

Во 2018 година, под притисок на УНЕСКО, Министерството за транспорт и врски одлучи да ја сопре изградбата на автопатот Требеништа-Струга за да се испитаат дополнително влијанијата врз животната средина од реализацијата на планираната траса што беше избрана со веќе изготвената проектна документација.

извор: мета.мк