19/04/2024
Македонија

Голем успех за македонистиката – гарантирана нејзината заштита и самостојност на реномираниот ИНАЛКО во Франција

Во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, на реномираниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз во чии рамки функционира лекторатот по македонски јазик. Но, сега се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура – исклучително голем успех е вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција! 

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) ја поздравува одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија. Со ова, на реномираниот ИНАЛКО во Париз, македонистиката доби статус со којшто е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност – со неможност да се спои со други студии. Едновремено, ова подразбира и можно проширување на студиите по македонистика, со обезбедена финансиска помош. МСМЈЛК при УКИМ, како и досега, постојано, преку лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО ќе го остварува својот максимум за изучувањето на македонистиката во Франција, како и за вложување во сите можности коишто ќе претставуваат нови перспективи за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.

Во период кога веќе ги планираме активностите за одбележување половина век изучување на македонистиката на ИНАЛКО во текот на следната година, од Париз пристигна оваа значајна вест, којашто радува, но и обврзува на уште поинтензивни натамошни активности. На ИНАЛКО, македонистиката се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. Веќе неколку години функционира и одделна професорска катедра за македонистички студии – првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја. Но, вклучувањето на македонистиката во олку важен проект и добивањето статус којшто дава гаранции и за нејзината иднина на ИНАЛКО е посебен успех – уште еден показател и на поддршката којашто македонистиката ја добива на оваа врвна образовна и научна институција во Франција.“ – истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Едновремено, таа упатува и одделна благодарност.

Од името на МСМЈЛК при УКИМ, одделно упатувам голема благодарност и изразувам голема почит до проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро од ИНАЛКО, којашто ја покрена и се залагаше за прифаќање на иницијативата македонистиката да биде препознаена како ретка дисциплина од страна на француското Министерство за високо образование и истражување и да биде вклучена во овој голем проект со одлука на научна комисија. Но и не само за тоа, туку и за сите нејзини загалагања години наназад, со коишто се остварија низата успеси за македонистиката на ИНАЛКО, како и за севкупната поддршка за лекторатот по македонски јазик во остварувањето на неговата мисија. Соработката со проф. д-р Пејоска-Бушро и нејзините залагања се еден од примерите коишто покажуваат дека содејството со поддржувачите и посветениците на македонистиката коишто се дел од академската средина на големите образовни и научни центри ширум Европа и светот е гаранцијата за перспективите на македонистиката на меѓународен план.“ – посочува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Инаку, на ИНАЛКО, македонскиот јазик се изучува како главен предмет – три години додипломска настава, две години на вториот циклус студии, како и на школата за докторски студии. Лекторатот по македонски јазик работи од 1973 година, а во моментот лекторската настава ја изведува м-р Ѓоко Здравески. Од париската Катедра за македонистика, МСМЈЛК при УКИМ очекува и тројца учесници на претстојната 55. Летна школа што ќе се одржи од 17 август до 2 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

Според досега достапните информации, француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија се очекува да се прошири во сите европски земји, со што можностите за зајакнување и афирмација на македонистиката на универзитетските центри ширум Европа преку овој проект ќе бидат и поголеми.

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје