09/12/2024
Македонија

Голем „Велигденски хепенинг“ во Ресен

На градскиот плоштад „Цар Самоил“ во Ресен денеска во пресрет на велигденските празници се одржа традиционалната манифестација „Велигденски хепенинг“, организирана по осми пат од страна на локалната самоуправа. На манифестацијата учествуваат голем број ученици од петте основни училишта и од детската градинка „11 Септември“, кои на повеќе штандови претставија преспанска традиционална велигденска храна, велигденски јајца и украсните декорации, а свој штанд имаа и учесниците од ликовната секција при Домот на културата „Драги Тозија“.

„И годинава, Општина Ресен во соработка со Домот на културата „Драги Тозија“ ја продолжија традицијата и го организираа овој Велигденски хепенинг, кој најмногу радост им донесе на најмладите, кои заедно со своите родители, баби, дедовци, наставници, најпрво учествуваа во изработката, а потоа и во купувањето на одредени производи. На овој начин ги започнуваме Велигденските празнувања во Преспа и испраќаме силна порака дека традиционално, ги задржуваме нашите верски и семејни традиции, кои со генерации наназад се пренесувале од нашите потомци, а ние ги предаваме на нашите деца“, – рече директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.

Во музичкиот дел од програмата свој настап на плоштадот „Цар Самоил“ имаа групите „Реприза“ и „Оверлоу“. Велигденскиот хепенинг се одржа под покровителство на градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.