20/04/2024
Македонија

Голема донација за СОС Детското село во рамки на проектот „Собираме и ре-креираме со Бимилк“

Во саботата на 23 декември се одржа долго-најавуваниот хуманитарен базар на рачно изработени предмети од рециклирани амбалажи Битолско млеко, чија главна цел беше да се соберат средства за помош на децата од СОС Детско село Македонија.

Преку интересни содржини за децата со повеќе различни активности и Ивце Пивце и Битолското Чупе во главната улога, посетителите на Веро Центарот имаа можност да се забавуваат низ богатата новогодишна програма, а воедно и да го дадат својот придонес кон СОС Детското село, преку купување на некој од предметите кои дечињата од повеќе градови од државата ги изработуваа во своите градинки.

„Да се биде хуман е доблест и вистинска човечка вредност што треба да се негува од најмали нозе. Овој голем хуманитарен базар и собраната донација се само мал, симболичен гест дека со малку труд и љубов можеме да сториме многу, меѓутоа ние, како општествено одговорна компанија, и понатаму ја продолжуваме соработката со СОС Детско село, но и да делуваме во насока на помагање на сите социјално ранливи категории граѓани и создавање подобро општество за сите“, рече Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер во Бимилк.

Проектот „Собираме и ре-креираме со Бимилк“ се реализираше во текот на трите изминати месеци во 12 матични градинки, а за негова непречена реализација поддршка даде и Министерството за труд и социјална политика, што на крајот резултираше со повеќе од 1000 изработени предмети од амбалажи на Битолско млеко.

„Министерството за труд и социјална политика секогаш поддржува проекти кои се насочени кон правилна едукација на децата од најмала возраст и кои ги учат на вистинските вредности, за важноста за зачувување на животната средина, но ја поттикнуваат и нивната креативност и нивната хуманост. Битолска млекара е позитивен пример за вистински општествено одговорна компанија во чиј фокус е несебичната поддршка за децата“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Инаку, покрај собраните средства на самиот настан, од Битолска млекара најавија и дополнителна донација за СОС Детското село, во согласност од нивните потреби.

„Со Бимилк имаме навистина прекрасна долгогодишна соработка и тие искрено се солидаризираат со децата згрижени во нашата организација, помагајќи на повеќе различни начини, независно дали има повод или не. Ни претставува голема чест што го организираа овој хуманитарен настан токму за нас и искрено верувам дека сите заедно ќе успееме вистински да ја пренесеме пораката за грижа за заедницата во секој домен од нашето делување“, рече Јулијана Накова Гапо, Национален директор на СОС Детско село Македонија.

Во првата година од својата реализација, проектот „Собираме и ре-креираме со Бимилк“ се спроведуваше во Охрид, Битола, Скопје, Кавадарци, Пробиштип, Гевгелија, Куманово и Тетово, а веќе од наредната година ќе ги опфаќа и останатите градови низ Македонија.