19/04/2024
Охрид

Градоначалникот Георгиески ги образложи деталите за Јавниот повик за прибирање на идејни решенија за уредување на плажите

Градоначалникот Константин Георгиески денеска одржа наменска прес конференција по повод објавувањето на Јавниот повик за уредување на плажите на Охридското Езеро. Содржината на прес конференцијата Ви ја пренесуваме интегрално.

– Општина Охрид во текот на изминатиот период покажа сериозна посветеност на исполнување на препораките на УНЕСКО и почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, со што успеавме да го зачуваме статусот на заштитено подрачје. Добиеме нов дополнителен период за продолжување на сите активности и мерки, кои ќе придонесат во решавањето на децениските проблеми и ќе обезбедат подобра заштита на долг рок.

Пред почетокот на туристичката сезона, сите крајбрежни локации каде што спроведувавме активности за отстранување на бесправните објекти беа соодветно уредени од страна на Општина Охрид. Плажите беа секојдневно одржувани во две смени од комуналните служби, со цел да се обезбедат услови за пријатен одмор на гостите. Денеска, пред самиот крај на летната туристичка сезона може да кажеме дека привремениот концепт за слободно користење на плажите, се покажа ефективен и успешен и донесе една новина во понудата на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Општина Охрид направи детална анализа и подолг временски период сериозно работеше на развивање на нов план, за да преземе важна улога во уредувањето, но и во управување со плажите на крајбрежјето на Охридското Езеро, согласно еко стандардите и според препораките на УНЕСКО.

Основната цел е плажите да бидат јавни и слободни за користење, во функција на туризмот и да бидат уредени по желба на граѓаните. Во таа насока, денеска е објавен Јавен Повик за прибирање на идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро.

Право на учество на повикот имаат сите физички и правни лица, регистрирани за вршење на дејност поврзана со предметот на повикот. Целта на повикот е вклучување на стручната јавност и граѓаните во процесот на утврдување на активностите и дејствијата за уредување на плажите на крајбрежјето согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи.

Конкурсот е анонимен и секој учесник има право да учествува со еден труд, а крајниот рок за поднесување на идејните решенија е 29.09.2021 година, до 13:00 часот.

Доставените решенија ќе бидат објавени на увид пред јавноста и соодветната стручна комисија со цел избор на најсоодветно решение. Идејните решенија за уредување на плажите треба да бидат изготвени согласно проектната задача и постојните прописи.

Како што споменав и претходно, уредувањето на плажите на Охридското Езеро ќе се врши согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскот регион како и останатата законска регулатива со која се регулирани истите. 

Плажите согласно планот, се дефинирани во прва В зона, од првата заштитна зона, која го опфаќа Охридското Езеро и неговиот крајбрежен појас во хоризонтална проекција со ширина од 50 метри сметано од граница на КП 1/1 КО Охридско Езеро.

Во уредувањето треба да се применат автохтони материјали како што се дрво, камен, стакло, а се забранува употреба на: метал, лим, бетон, бехатон, армирано-бетонски  и челични конструкции и ѕидови од камен.  Во рамки на повикот кој веќе е објавен на Општинската веб страница, детално се предвидени сите општи услови за уредување и изгледот на отворенио простор и инфраструктурата.

Оваа можност ја користам да ги повикам сите архитекти и стручни лица од оваа област, да покажат интерес и да се вклучат во оваа мисија за креирање на нова слика на крајбрежјето, создавање на една нова понуда која ќе ги подобри условите за развој на туризмот и ќе овозможи зачувување на природните богатства.