28/03/2024
Охрид

Градоначалникот Георгиески изврши увид на градежните активности финансирани од Општината

Градоначалникот Константин Георгиески денеска беше во теренска обиколка на тековните работни активности на повеќе локации во општина Охрид, кои се финансирани од општинскиот буџет.

Во селото Елшани, беше направен увид на градежните активности за изведба на потпорен ѕид во вредност од 1.150.000 денари. Се работи за ѕид кој бил во исклучително лоша состојба и преставувал опасност за околните куќи. Исто така, во Елшани се спроведуваат работни активности за промена на покривната конструкција на подрачниот училишен објект на ОУ „Свети Наум Охридски“. Постоечките азбестни табли се заменуваат со лимен покривач, а вкупната инвестиција е 951.608 денари.

Градоначалникот го посети и селото Коњско, каде што во моментот се изведуваат  работни активности за промена на покривната конструкција на ОУ „Свети Наум Охридски“, за што се предвидени 412.706 денари.

Исто така градоначалникот, заедно со тимот на соработници направи увид и на градежните активности за реконструкција на улицата „АСНОМ“.  Според проектот за реконструкција предвидено е комплетно асфалтирање на коловозот, нивелирање на шахтите и сливниците и реконструкција на тротоарите. Вкупната инвестиција за овој проект е 8.807.073 денари.

Во рамки на теренската посета, беше направен увид и на работните активности за промена на покривната конструкција во ОУ „Христо Узунов“ во вредност од 4.109.512 денари и промена на покривната конструкција на училишниот објект на ОУ „Братство Единство“ во населбата Лескајца во вредност од 3.239.482 денари.

Исто така градоначалникот направи увид и на градежните активности за иградба на попорен ѕид, во непосредна близина на Спомен куќата на Григор Прличев во населбата Варош. За оваа инвестиција од буџетот на општина Охрид се наменети 1.500.000 денари.