19/04/2024
Охрид

Градоначалникот Георгиески направи увид на инвестициите во дел од училиштата

Градоначалникот Константин Георгиески денеска беше во увид на дел од градежните активности и инвестициите кои Општина Охрид ги реализираше за да обезбеди подобри услови за учениците.

Во ООУ „Христо Узунов“ во моментот се изведуваат завршни активности за комплетна реконструкција на подовите. Поставена е нова бетонска подлога во сите сите училници, а деновиве се изведуваат активности за поставување на современ пвц материјал со вкупна површина од 1358 метри квадратни. Претходно, во ова училиште беше извршена промена на дограмата во целиот објект, беа реконструирани тоалетите и беше поставен нов покрив. Во текот на наредниот период ќе се работи на проекти за поставување на нова фасада, промена на подовите во ходничните простории, промена на вратите од училниците, реконструкција на внатрешните ѕидови, таваните и реконструкција на спортските терени.

Градоначалникот го посети и подрачниот училишен објект на ООУ „Свети Климент Охридски“ во населба „Далјан“ каде што беше извршена промена на дограмата и беа реконструирани подовите во сите училишни простории. Во овој објект наскоро ќе започне поставување на нов систем за греење и ќе се врши поставување на нова енергетски ефикасна фасада. Исто така, во текот на наредниот период планирано е поставување на ограда околу училишниот објект, реконструкција на тоалетите и внатрешните ѕидови.

Во ООУ „Григор Прличев“ градоначалникот направи увид на новите реконструирани подови во ходничните простории и реконструираната дограма на приземјето и првиот кат од новиот училишен објект. Претходно, беа реконструирани подовите во неколку училници и беше извршена реконструкција на дел од тоалетите.

Исто така, во текот на изминатиот период Општина Охрид инвестираше во промена на дограма, покриви, реконструкција на подови, санитарни јазли и реконструкција на внатрешни ѕидови во останатите основни и средни училишта на подрачјето на општината.