28/03/2024
Дебрца

Градоначалникот Ногачески во официјална посета на општина Грамш – Албанија

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески оствари средба со Klodian Tace, градоначалник на градот Gramsh, регион Елбасан, Албанија, а кој брои околу 9000 жители и е центар на општината Gramsh, со околу 36.000 жители. 

Средбата беше по повод започнувањето со реализација на проектот „Нови можности за безбедни зимски авантури“, кој во рамките на Програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија ќе се финансира со европски пари.

Носител на проектот е Црвениот Крст на Македонија, Општинска организација Охрид, а партнери се општина Дебрца и Алпинистичкиот клуб “Патагонија”, Охрид од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.

Проектните активности носат бенефит за сите партнери, а во Дебрца во рамките на проектот ќе се изврши реконструкција на старата училишна зграда во село Брежани и нејзина адаптација во Планинарски Дом, опремен со 25 легла, за што се планирани 85.000 евра, поставување на пропусти за зафаќање на атмосферските води на патот село Брежани-Илинска Планина, набавка на возило, со потребната опрема за спасување во планина, обуки и други активности.

„На средбата со мојот домаќин посебно го искажав моето задоволство што ќе можеме да соработуваме како две општини, кои имаат одлични предуслови за развој на планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам. Изразив надеж дека средбата е почеток на успешна соработка меѓу двете општини, не само на имплементацијата на конкретниот проект, туку и на други идни проекти од заеднички интерес.“ – изјави градоначалникот Ногачески по средбата.