29/03/2024
Охрид

Градоначалникот Пецаков ја поддржа кампањата за органодарителство

Во организација на националното здружение „Храбро срце“ денеска на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ се одржа пригоден настан по повод Светскиот ден на органодарителството.

На настанот присуствуваше Градоначалникот Кирил Пецаков кој преку видео порака даде јавна поддршка на кампањата за органодарителство.

– Драги сограѓани, додека ние сме безгрижни и среќни, а вообичаните животни предизвици се наша главна преокупација, покрај нас има луѓе, за кои секој нов ден е исполнет со  страв, неизвесност, очај и едно единствено прашање – Дали ќе слушнат позитивна вест дека е најден донор на органот кој им е потребен. Нивната единствена молитва е да оздрават, а нивната најголема желба е да живеат.

Овие луѓе ја заслужуваат сета наша најискрена поддршка, за да ja продолжат нивната секојдневна борба и да им помогнеме да ја најдат својата шанса за подобро утре, за нив и нивните најблиски, со кои секојдневно ја споделуваат својата мака.

Пред се како човек, а потоа и како функционер кој работи за граѓаните, ме разочаруваат многубројните несреќни приказни и апели за помош на оние кои чекаат пресадување на органи. Од друга страна пак силно ме трогнуваат сите поединци и нивните семејства, кои се одлучиле да даруваат орган и на многу благороден начин да спасат нечиј живот. Се радувам што се повеќе имаме вакви позитивни примери на човекољубие и се надевам дека истите ќе придонесат за што поголемо ширењето на свеста за донирање органи. 

Секој од нас може да ја поддржи капањата за органодарителството на здружението „Храбро срце“ и да ја пренесува пораката „Дарувај живот“. Со ова правиме еден важен чекор за да помогнеме, да спасиме и да излекуваме повеќе животи, но и да ја почитуваме и вреднуваме дарежливоста на донорите.

Ајде сите заедно да ја покажеме хуманоста како наша најчовечна особина, ајде заедно да покажеме дека може да ги избришеме солзите и да донесеме повеќе насмевки. Ајде заедно да зборуваме гласно, да се едуцираме и да ја подигнеме свеста за уште многу успешни трансплантации и уште многу спасени животи, истакна Пецаков во својата видео порака, која е објавена како дел од кампањата.

На настанот беа поделени флаери со информации и пораки за зголемување на свеста за органодарителството.


WebOhrid / 13.08.2022 / Општина Охрид