29/03/2024
Македонија

Граѓани -Навреме регистријате се на системот е-персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.80/93…190/2017), предвидено е Управата за јавни приходи од 1 јануари 2019 година да изготвува пополнета Годишна даночна пријава за сите граѓани – физички лица кои оствариле приходи во текот на 2018 година.

Пополнетата Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП), Управата за јавни приходи ја доставува до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година преку системот e-pdd.ujp.gov.mk

За да може УЈП да ја достави пополнетата Годишна даночна пријава на увид на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, како и за да можат граѓаните да ја исполнат својата законска обврска – да ја потврдат точноста или да ги коригираат податоците од пополнетата Годишна даночна пријава преку системот e-pdd.ujp.gov.mk најдоцна до 31 мај 2019 година, потребно е навреме да се регистрираат на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk

Обврска за регистрација во системот е-Персонален данок има секое физичко лице кое во текот на 2018 година остварило приходи по било кој основ (плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, од добивки од игри на среќа, од странство и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход), заради прием на пополнетета Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП) од УЈП, како и заради потврдување или коригирање на податоците за приходите и платениот персонален данок.

Истовремено, преку исполнување на оваа обврска граѓаните ќе имаат можност преку системот e-pdd.ujp.gov.mk да проверат дали приходите кои ги оствариле се соодветни во однос на искажаните од исплатувачите, а со цел да се спречи евентуална злоупотреба во врска со нивните лични податоци и примања.

Регистрирајте се на e-pdd.ujp.gov.mk во неколку чекори!

• Единствен услов за регистрација на системот е да имате валидна е-пошта, која ќе биде корисничко име (user name) за ваша најава на системот e-pdd.ujp.gov.mk и ќе ви служи за комуникација со Управата за јавни приходи.

• На најавната страна на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk има дел за регистрација на нов корисник на системот. Со влегување во овој дел од системот, ќе се отвори мени во кое треба задолжително да ги внесете своите идентификациони податоци.

• Со првата регистрација на системот може да пријавите и свој полномошник кој ќе го ополномоштите за: поднесување на електронска пресметка преку системот е-Персонален данок и/или за потврдување и корекција на пополнетата Годишна даночна пријава. НАПОМЕНА: Полномошникот може да биде само лице кое е веќе регистриран корисник на системот e-pdd.ujp.gov.mk

• Врз основа на внесените податоци, автоматски се генерира вашето Барање за регистрација на системот е-Персонален данок, кое треба да го испечатите и да го поднесете во надлежната даночна канцеларија на УЈП, при што треба да дојдете лично вие и да приложите документ за идентификација или пак да дојде лично вашиот полномошник и да приложи документ за негова идентификација и полномошно заверено на нотар. Службено лице од УЈП ќе ја верифицира вашата регистрација на системот е-Персонален данок. НАПОМЕНА: Оваа постапка ја спроведувате само еднаш при регистрацијата на системот е-Персонален данок, а е неопходна заради верификација на валидноста на креираниот профил и заштита на доверливоста на вашите лични податоци.

• Ако вие или избраниот полномошник не сте евидентирани како даночен обврзник во Регистарот на даночни обврзници на УЈП, потребно е претходно да се регистрирате како даночен обврзник, со поднесувањена Пријава за регистрација УЈП-РДО и доставување на документ за идентификација на увид во даночна канцеларија на УЈП.

НАПОМЕНА: Граѓаните (физички лица) кои се веќе регистрирани на системот е- Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk не треба да се регистрираат на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk

Имајќи предвид дека на системот е-Персонален данок до сега се регистрирани 13 илјади граѓани, а се очекува до крајот на оваа година да се регистрираат над 400 илјади граѓани, апелираме граѓаните навремено да ја исполнат својата обврска за регистрација на e-pdd.ujp.gov.mk, за да може од 1 јануари 2019 година секој граѓанин да има увид во пополнетата Годишна даночна пријава која ќе ја издава УЈП.

Доколку граѓанинот не ја потврди или коригира пополнетата Годишна даночна пријава најдоцна до 31 мај 2019 година, пополнетата ПДД-ГДП издадена од УЈП ќе се смета за потврдена.