29/03/2024
Охрид

Граѓаните можат да се вклучат во креирањето на општинскиот буџет за 2021 година

Со цел да се креираат соодветни проекти кои ќе се финансираат од општинскиот буџет за 2021 година, Општина Охрид веќе десетина дена преку соодветна дигитална алатка поставена на општинската веб страница „Вклучи се-Граѓански буџет“ прибира идеи и предлози за решавање на приоритетни потреби и проблеми на граѓаните.

Оваа дигитална алатка годинава се имплементира за прв пат и истата овозможува граѓаните, невладиниот сектор, деловниот сектор и другите чинители во локалната заедница на едноставен начин, преку елекектронски пат да се вклучат во давање на предлози при креирање на програмите и општинскиот буџет за наредната 2021 година.

Потребно е да се пополни дигитален прашалник при што се селектира урбана и месна заедница, се впишуваат контакт информации, се избира област и се впишува краток опис на предлог идејата.

Во оваа насока во текот на претходниот период, Општина Охрид организираше средби со граѓаните од урбаните и месните заедници, а во текот на наредниот период ќе биде организирана Јавна расправа за Предлог програмите и Предлог буџетот за 2021 година.