19/04/2024
Охрид

Грандиозниот проект „Големиот Чајковски“ ќе го отвори годинешното 61-во „Охридско лето“

Националната опера и Балет на Република Северна Македонија свечено ќе го отвори 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид со проектот „Големиот Чајковски“.

Спектакуларниот проект ќе ја донесе балетската трилогија со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски, „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.

На сцената на Античкиот театар ќе излезат над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.

Најавувајќи ја годинешната фестивалска програма, директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, рече дека годинава, и покрај тоа што сѐ уште трае здравствената криза, фестивалот ќе се одржува во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август.

-Ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји, Србија, Холандија, Словенија, Русија, Бугарија Косово, Германија, Хрватска, Турција, Франција, Италија, Чешка, Романија, Грција, Црна Гора, Белгија и САД како и уметници од Република Северна Македонија. Што се однесува до уметничката програма, можам да најавам врвни концерти со познати светски имиња но приоритет им дадовме на нашите македонски уметници кои имаат светска слава, нашите национални оркестри и театарски куќи. Врвни домашни изведувачи ќе настапат со светски познати имиња во прекрасната Света Софија. Нивниот спој уште еднаш ќе го потврди Фестивалот „Охридско лето“ како е еден од најголемите промотори и афирматори на врвната уметност. И љубителите на театарот годинава ќе имаат прилика да уживаат во квалитетни театарски креации од земјава и надвор од неа, истакна Поповиќ.

Директорката на оваа национална установа додаде дека и годинава, програмата ќе се реализира според строго утврдените заштитни мерки по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство на Република Северна Македонија, но како што рече, тимот на „Охридско лето“ е поискусен и повеќе подготвен за уште едно издание, и овојпат во пандемиски услови.

-Во време кога сите обединети се справуваме со пандемијата, во време кога здравствените работници се нашите херои, одлучивме концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Н.У. Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, Македонија и Ансамбл на народни хрватски игри и песни ЛАДО, Хрватска кој е на програмата на 28 јули на Античкиот театар, да биде од хуманитарен карактер. Средствата од влезниците ќе бидат донирани во здравството. Со тоа ќе покажеме дека сите сме заедно, сплотени, во борбата со коронавирусот но и ќе оддадеме благодарност за сѐ она што го прават медицинските лица, соопшти Поповиќ.

Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ , Даница Стојанова, најави дека музичката програма годинава ќе донесе 34 концерти со врвни уметници од кои два ќе се одржат во рамките на офф-програмата.

-Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време,во градот каде за секој ден има по една црква, каде сонцето гали а езерото тихува, во Охрид градот на светлината и уметноста. Концертите ќе бидат реализирани во Античкиот театар, во црквата Св. Софија и Долни Сарај, рече Стојанова.

Селекторката на музичката програма нагласи дека Програмата за 61-то издание беше подготвена и предадена во Министерството за култура уште во септември минатата година, и како што појасни, речиси немаше никакви измени.

-Досега ниеден од уметниците не се откажа и сѐ тече во најдобар ред,сите со нетрпение чекаат да дојдат и да настапат во храмот со боженствена енергија и сила црквата Св. Софија. Ќе чуеме врвни имиња како Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Ирина Графенауер, Мате Бекавац Кирил Родин, Жени Захариева, Маја Богданович,Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, Дарко Костовски, Васко Дантас, барокниот ансамбл Театро ала мода, Горѓи Цинциевски , Саимир Пиргу и Мерита Таршана,гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб на чиј концерт ќе настапи нашиот млад виолинист Александар Иванов, Калина Мрмевска, Надја Неволовиќ, женскиот хор под раководство на диригентот Ивица Зориќ Менада, мешаниот хор на филхармонијата од Приштина, Елоизе Карлин,Барокни дијалози со камерниот ансамбл на Македонска филхармонија, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану,Петру Иуга и Михаил Хориа, Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ, Лирска вечер со фестивалски камерен оркестар и вокални солисти под диригентската палка на Паскал Галоа,Захариас Тарпагос и Валерија Харитиду , дуото гитари Горан Кривокапиќ и Даниел Церовиќ, Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ,Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ, рече Стојанова.

Таа најави дека во слободната програма ќе има два одлични проекти, ЗЗ квартет и Балкански танцов проект „ Сви марш на плес“ со кореографија на Игор Киров , а за роденденот на фестивалот ќе настапат извонредните уметници од групата „Синтезис“. Годинава на „Охридско лето“ ќе се одбележат и 35 години од постоењето на камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар“ на МММ со солист Богдана Бушевска и диригент Борјан Цанев.

Драмската програма на фестивалот, годинава ќе донесе над сто театарски работници кои ќе понудат квалитетна и атрактивна програма, најави селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски.

-Оваа година програмата е составена од она што домашната продукција успеа да го создаде во овие специфични услови во кои мораа да работат тетарите како и од двете најголеми театарски куќи од Србија, Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско Драмско Позориште од Белград. Сосема сум свесен за ситуацијата во која се наоѓаме и за разликата помеѓу желбите и она што е реалност. Сметам дека треба да го славиме секој изговорен збор од сцените, секој гест, ској аплауз. Мислам дека ако нешто можеме да научиме од оваа ситуација е тоа колку многу е важно она кое го работиме и колку силно мораме да го чуваме она што го нарекуваме театар, изјави Поповски.

-Започнуваме со домаќинот, Охридскиот театар, кој со својата претстава „Крик за љубов“ од Жозиен Баласко во режија на Љупчо Ѓоргиевски, ќе се претстави пред публиката во нивната матична куќа.Според Кориолан на Вилијам Шекспир, Битолскиот театар ни доаѓа со театарската претстава „History of Mother Fuckers“ во режија на Андраш Урбан, која ќе се игра на сцената на Долни Сарај. Српскиот народен театар од Нови Сад, оваа година ќе се претстави надвор од вообичаените класични рамки, еден спој на современото и подзаборавеното, една убава животна драма, за рок ѕвездата Џенис Џоплин, приказна напишана од Тијана Грумиќ во режија на Соња Петровиќ. Театарот комедија, оваа година ќе ни гостува со „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска а како свое катче, го одбраа дворот на основното училиште „Св. Климент Охридски“.Повторно маестралната претстава на Марјан Неќак кој театарскиот свет го знае како режисер со силна тупаница, современо уметничко кредо, уметник чии претстави се полни со страст, емоции и енормна енергија со актерите од Македонскиот народен театар ќе ја претстави „Само глас“ од Нина Плавањац, една невообичаено уникатна, комуникациска современа музичка драма .Се разбира дека Охридско лето, мораше на својата верна пубилика да им ја подари сензацијата на Југословенскиот драмски театар со претставата „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин, со што ќе ја завршиме драмската приказна и ќе го затвориме 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ , соопшти Поповски.

Во рамките на офф-драмската програма, на трети август е предвидено да настапи познатиот српски актер Иван Босиљчиќ кој ќе рецитира одбрани дела, а ќе долови и стихови од великанот на македонската култура Блаже Конески токму во годината која е прогласена за „Година на Конески“.

На денешната прес-конференција, директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ изрази огромна благодарност до покровителот на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, до Владата, до Министерството за култура, до генералниот спонзор Македонски телеком, до Општина Охрид и до сите спонзори и помагатели кои несебично го помагаат фестивалот, а со тоа и развојот на културата.