29/03/2024
Македонија

„Ibelong“- кампања на УНХЦР за ставање крај на бездржавјанството

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска учествуваше на #Ibelong- кампањата на УНХЦР за ставање крај на бездржавјанството на која се промовираше новиот извештај за малцинства без државјанство во моментов или во минатото „Ова е нашиот дом“ и два куси видео клипа кои ја претставуваат приказната на недокументираните лица во земјава.

Невидливи за системот, без пристап до права од областа на здравствената и социјалната заштита, до образование и вработување, лица „фантоми“ без документи и државјанство во Македонија според проценките на УНХЦР имало најмалку 800, од кои на 300 им е помогнато да станат полноправни членови на заедницата.

Даг Сигурдсон од УНХЦР на презентацијата на извештајот рече дека се претпоставува дека бројката е поголема и за таа точно да се утврди потребно е подигање на јавната свест за лицата без документи самите да се пријавуваат, но дека се потребни и законски измени за да се отстранат административните пречки и да им се помогне да го надминат проблемот.

Потребна е и добра соработка меѓу институциите, здруженијата на граѓани и другите меѓународни организации во Македонија, која ќе овозможи овие граѓани да ги добијат документите кои им требаат за да можат да ги оставарт своите права.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека треба да се отстранат административните пречки бидејќи ова за некого е техничко прашање, но за овие граѓани е животно прашање.

Според неа потребно е оние кои работат на решавање на овој проблем да се свесни за тоа што значи да се биде лице без документи во Македонија и во светот.,,Тие лица немаат пристап до ниту едно право, а со тоа ги правиме најисклучени од општеството и ги правиме да влезат најдлабоко во сиромаштија.

Затоа, за нас тоа е приоритетно прашање, бидејќи ако социјалните ризици се генерираат кај многу деца во Македонија тие стануваат потенцијални социјални корисници или граѓани кои ќе живеат во длабока сиромаштија во идниот период”, рече Царовска и потенцира дека заедно со останатите институции ќе се вложи максимум што побрзо да се направи план кои се закони е потртебно да се променат за да се олесни решавањето на проблемот. Во таа насока неопходно е да се направи и регистар на граѓани, бидејќи во моментов нема точна бројка колку лица во Македонија се без документи.