25/04/2024
Спорт

Игор Бежоски – нов извршен директор на РК „Охрид“

Ракометниот клуб „Охрид“ доби нов извршен директор. За нов извршен директор е назначен секретарот на Општина Охрид, Игор Бежоски.

„Прво сакам да се заблагодарам на искажаната доверба да бидам прв човек на РК Охрид. Би кажал дека не се работи за целосно нова управа, туку за реорганизација во која имаме промена на 3 (три) членови од редовите на оснивачот. Членовите од бизнис секторот остануваат исти. Прва задача како нова управа ни е скенирање и стабилизирање на состојбата од финансиски, технички и спортски аспект. Откако ќе направиме ревизија на состојбата ќе ги прецизираме понатамошните чекори. Исто така, цел ни е заедно со играчите и стручниот тим успешно да ја завршиме натпреварувачката сезона и по можност да обезбедиме излез во Европа. Сегмент на кој што особено ќе бидеме фокусирани во рамки на Ракометниот клуб во иднина е интензивно работење со младинските категории со цел да произлезат повеќе играчи кои ќе ги бранат боите на РК Охрид. Подмладокот е основа на секој клуб на кој планираме во иднина да ги поставуваме темелите на постоењето на РК Охрид. Општина Охрид и понатаму останува еден од главните финансиери и помагатели на клубот за што одвојува значителен износ на средства од Буџетот со што се овозможува финансиска подлога за нормално функционирање на клубот. Меѓутоа, ја користам приликава да ги повикам и сите љубители на спортот во Охрид, особено бизнис секторот да помогнат во границите на нивните можности со цел овај спортски клуб и во иднина биде најдобар спортски клуб на територијата на Општина Охрид. Да помогниме сите заедно да направиме спортски бренд од РК Охрид. Охрид заслужува да биде спортски град. Целта е РК Охрид да остане стабилен суперлигаш со редовно учество во плејофот и излез на Европската сцена,“ – истакна Бежоски.