20/04/2024
Македонија

IN MEMORIAM: Почина пијанистката Елена Мисиркова -Лоза

Почина пијанистката Елена Мисиркова-Лоза (1961), која е родена во Скопје и живееше во Виена. Таа е потомок на основоположникот на македонската лингвистика Крсте Петков Мисирков и имаше богата интернационална кариера…

Министерот за култура, Асаф Адеми во телеграмата со сочувство до семејството и колегите, истакна:„Мисиркова ја задолжи македонската култура со својата посветена работа низ светот, афирмирајќи го современото македонското музичко творештво. Мисиркова замина млада, но зад себе остави вредно творештво, незаборавни дела, настапи, срдечни контакти, свои наследници што ја прават име кое трајно ќе остане забележано во историјата на современата македонска култура“.

Од 1987 до 1989 година Мисиркова била професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Од 1997 до 2002 година работела како асистент по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а потоа предавала пијано и во австриската престолнина. Последен професорски ангажман имаше на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Мисиркова беше прва македонска уметница која имаала солистички концерт во „Карнеги хол“ во Њујорк. Имаше голем број настапи на значајни фестивали во Македонија, Австрија и низ светот, а во 2007 година и беше доделена титулата почесен амбасадор на македонската култура во Австрија.

Во 2016 година ја доби државната награда „11 Октомври“. Беше дел и од иницијативата „За заедничка Македонија“.