29/03/2024
ОхридПисма/Колумни

Иницијатива за итна заштита на објектот на ресторан „Парк“ и негово прогласување за споменик на културата

Согледувајќи ја инертноста на македонските институции во однос на ресторанот-дискотека „Парк“, денес Охрид ЅОЅ поднесе Иницијатива за прогласување на награденото архитектонско дело на охриѓанецот Павел Балабанов за споменик на културата.

Иницијативата е доставена до Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Националната канцеларија за УНЕСКО, Министерството за култура, Канцеларијата на претседателот на владата и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а беше поттикната од неодамна објавениот план за негово рушење и изградба на 4-катен хотел на 50 метри од брегот.

Планот за рушење и изградба на нов комерцијален објект со неколкукратно поголем габарит од постојниот, доаѓа во време кога Охридскиот Регион е на праг да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, токму како резултат на несоодветната и агресивна урбанизација на крајбрежјето.

До прогласувањето за споменик на културата, бараме ИТНА привремена заштита на објектот според чл. 39 од Законот за заштита на културното наследство.

Воедно ѝ препорачуваме на Владата да го откупи објектот од моменталните сопственици и да го пренамени, по неговата конзервација, во Музеј на Охридското Езеро и Студенчишко Блато како споменици на природата и Рамсар центар за посетители.

Одржлив развој е можен. Единствено е потребно искрени, стручни и посветени луѓе да ги носат одлуките.

Во прилог следува Илустративна просторно-архитектонска анализа на ресторан „Парк“ – Охрид „Зошто вреди?!“ изработена од охриѓанецот Дарко Ангелески, М.И.А. кој магистрирал во 2013 година на Архитектонски факултет – УКИМ во Скопје.

Граѓанска иницијатива Охрид SOS