23/07/2024
Охрид

Интензивна градежна динамика на улицата „Јане Сандански“

По интензивна динамика течат градежните активности за комплетна реконструкција на улицата „Јане Сандански“ на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улиците „Сирма Војвода“ и „Даме Груев“.

Веќе се уредени и поплочени тротоарите на левата страна, по целата должина на улицата, a во моментот се работи на уредување на тротоарите од десната страна на улицата. Деновиве беа завршени работните активности за поставување на ново улично осветлување.

Како дел од претходните градежни фази, на овој значаен инфраструктурен проект, беше поставена нова главна водоводна линија во должина од 700 метри и две секундарни линии од двете страни на улицата со вкупна должина од 1200 метри и завршени се сите поединечни приклучоци на домаќинствата. Исто така, извршено е поставување на нова фекална канализација во должина од 400 метри со димензии Ф300.

Во текот на наредниот период ќе биде поставен нов асфалт за коловозната лента и ќе биде извршено асфалтно поврзување и нивелирање на коловозот со сите попречни улици кои гравитираат кон улицата „Јане Сандански“.

Во рамки на проектот, предвидено е подигнување на нов дрворед, соодветна сообраќајна сигнализација, велосипедски патеки и две автобуски постојки.