25/04/2024
ИнтервјуСпорт

Интервју со младата охридска атлетичарка Стефанија Ристеска

Во Охрид отсекогаш постоеле таленти кои се занимаваат со атлетика. Таков е и примерот со младата 13-годишна атлетичарка од Охрид – Стефанија Ристеска, која е ученичка во VIII-4 одделение во ОУ „Христо Узунов“. Во интервјуто за WebOhrid, таа открива дека најголема желба и е да учествува на Олимписките игри.

WebOhrid: Oд каде љубовта кон атлетиката и од кога почна да се занимаваш со овој спорт?

Стефанија: Љубовта кон атлетиката ја добив од моите родители и моите предиспозиции уште од мали нозе за трчање. Со атлетика почнав да тренирам активно во 2013 година.

WebOhrid: Дали си дел од некој клуб, каде тренираш и на какви натпревари имаш учествувано?

Стефанија: Член сум во Атлетски клуб Охрид, а мој тренер е професор Влатко Димитров, инаку селектор на Атлетска федерација на Македонија. Имам учествувано скоро на сите натпревари од 2013 години навака на ниво на Република Македонија, во дисциплини: 60m, 100m, 200m, 300m, шведска штафета и скок во далечина.

WebOhrid: Кои се твоите најголеми успеси?

Стефанија: Моите најголеми успеси се: Прво место на седмоноемврискиот ученички атлетски крос во Охрид, прво место на Републички натпревар во Скопје, во дисциплина шведска штафета оваа година на крајот од месец април, прво место на Републички натпревар во Куманово во дисциплина 300м во месец мај, второ место на Републички натпревар во Куманово во дисциплина 60m со заостанување од 3 стотинки во однос на првопласираната.

StefanijaRisteska1

WebOhrid: Како Стефанија се подготвува за претстојна трка?

Стефанија: За претстојна трка се подготвувам со секојдневни и напорни тренинзи, совети и препораки од мојот тренер Влатко Димитров.

WebOhrid: Каде се гледаш себеси, да речеме по 10 години, која е твојата најголема желба?

Стефанија: Себеси по десет години се гледам со учество на Олимписки игри, а секако тоа ми е и најголема желба.

WebOhrid: Твоја порака до нашите читатели, односно до сите млади кои сакаат да спортуваат?

Стефанија: Мојата порака до сите читатели на WebOhrid и до сите млади е пред се да се сакаат, да се дружат, да спортуваат и секако да се хранат здраво.

WebOhrid: Освен атлетика, што друго правиш во својот живот, во секојдневието, што друго те исполнува?

Стефанија: Пред се сум одличен ученик, инаку сакам да читам книги, да пливам, планинарам и да сликам, и сум одличен фотограф.

StefanijaRisteska3

Во изјава за WebOhrid, директорот на училиштето Тони Симоновски вели дека не е прв пат од ова училиште да произлезе еден врвен спортист.

„Една од истакнатите спортски личности во нашето училиште е ученичката Стефанија Ристеска, која што верувам дека понатака ќе продолжи по таа патека на  спортот, односно се работи за атлетиката која што за жал некогаш во Охрид беше на големо ниво, во овие моменти е на маргинализирање, меѓутоа еве постојат вакви таленти кои што верувам дека атлетиката ќе ја вратат достојно на патеката на која што беше во Охрид.“ – вели директорот Симоновски.

На младата Стефанија Ристеска и посакуваме успешна и блескава кариера!

WebOhrid