25/04/2024
Интервју

Интервју со Вахид Мемед, претседател на ОО на ПОЕН во Охрид

Интервју со Вахид Мемед, претседател на општинската организација на ПОЕН (Партија за општествен и економски напредок), во Охрид

WebOhrid: Господине Мемед, неодамна е формирана општинската организација на ПОЕН, во Охрид. Kолку сте задоволен од одзивот на граѓаните во вашата партија и што е она, по што се разликувате од другите помали партии?

Мемед: Граѓаните брзо ја препознаа новата енергија и новите идеи, претставени од ПОЕН. Од ден на ден, нашата општинска организација се зајакнува и се зголемува бројот на граѓани, кои ја поддржуваат нашата политика. Ова се докажа со неодамнешното изборно собрание на општинската организација на ПОЕН, во нашата општина.

Она што не разликува од останатите партии е различниот пристап кон политиката, нови луѓе, храброст, нова енергија, паметна и остварлива политика без празни ветувања и песимизам. Сакаме да им помогнеме на граѓаните, па така нашиот слоган е “Од граѓаните за граѓаните”. Нашата цел е да ги слушаме нашите Охриѓани, да ги видиме проблемите со кои се соочуваме сите заедно , и да понудиме конкретни решенија за сите заедно да создадеме услови за добар и квалитетен живот.

WebOhrid: Кои се главните цели, на кои се заснова партијата?

Мемед: ПОЕН е либерално –демократска опција која дејствува во центарот на политичката сцена/ во фокусот на вниманието и на “пиедесталот” за нас е граѓанинот , без разлика дали живее во град или село,без разлика на негова етничка,верска,родова или друга припадност . Oна за што се бориме е економски просперитет, општествен напредок,социјална вклученост,општествена правда и кохезија, развој на граѓанско општество,мултикулутурализам и интер-културна комуникација во Македонија.

WebOhrid: Дали и колку често практикувате да се среќавате со граѓаните и каде можат да ве најдат оние кои сакат да поразговараат со вас и да дадат идеи, предлози и сугестии во насока на подобрување на целокупниот животен стандард?

Мемед: Претходно како граѓански активист, но и сега како политичар, го промовирам концептот на непосредна комуникација со граѓаните и нивната вклученост и активизам. Сосредоточен сум на вистински решенија, за позитивни политики во нашиот град и нашата држава. Секојдневно сум достапен во чаршија,на телефон ,на социјалните мрежи ,на кафе дружење, но и на сите културни и други настани во мојот Охрид. Така треба еден модерен политичар да биде во секојдневен контакт со граѓаните 365 дена во годината, за граѓаните да не бидат запоставени и нивниот глас да допре до креирање на политиките. Секогаш ќе бидам отворен за идеи,визии,реални решенија ,совети но и критики, затоа што граѓаните најдобро може да ги проценат политиките на политичарите, согласно нивниот секојдневен живот и судбини.

WebOhrid: Како претседател на општинската организација на партијата во Охрид, што мислите, кои се најголемите проблеми со кои се соочува градот?

Мемед: Еден од најголемите проблеми кои не загрижуваат во Охрид, е големата иселеност на младите. Toa e она за што јас се борам, години наназад. Баш затоа беше и првата тематска прес конференција наменета за младинските политики и потребата за младинска гаранција, како мерка во Охрид. Сметам дека локалната самоуправа и другите институции треба да иницираат една дебата со сите засегнати страни и да произлезе една анализа и стратегија, како да се надмине проблемот.

Исто така, како аларматен проблем го гледам проблемот со бездомни животни. Тврдам дека во соработка со организациите за животни треба да се изнајде начин за стационар бидејќи проблемот влијае и на туризмот и на сликата за Охрид, но и на секојдневниот живот на луѓето со загрозување на нивната безбедност. Морам да напоменам дека животните не се воопшто виновни, а решение треба да најдеме ние политичарите.

Меѓу другото, морам како проблем да го напоменам и немањето стратегија за туризам и привлекување домашни и странски туристи цела година, како и немање културни содржини и инфраструктура. Да споменеме дека до пред некој месец Охрид немаше јавни тоалети, а да не зборуваме за елитен туризам. Градот има голем потенцијал за развој на културен ,еколошки ,медицински, планински туризам, итн. Во контекст на она за што сите ние треба да работиме ,мора да се напомене и бетонизацијата на Охрид и градежната мафија и се помасовното градење на штета на еколошкиот Охрид богат со културно наследство и статусот во УНЕСКО, што резултира и со променета микроклима.

WebOhrid: Согледувајќи ги овие факти, како ќе делувате како партија во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните?

Мемед: Пред неколку месеци, би рекол дека работните места беа она што треба да им се понуди на граѓаните, но сега гледам дека тоа веќе не е она што им треба најмногу. Граѓаните од оваа земја си заминуваат, затоа што тука не ја гледаат иднината. Младите луѓе кои работат, исто така заминуваат затоа што не ја гледаат преспективата. Ние, како партија, ќе работиме да им ја дадеме таа перспектива, визија … Визијата дека оваа земја за пет години навистина може да биде подобра и економски поразвиена, како членка на ЕУ и НАТО .Кога ќе имате јасна слика за иднината, некои проблеми е полесно да се надминат. Само тогаш младите ќе останат во земјата и ќе бидат дел од економскиот развој и напредок на државата и општините, а ќе постои и креирање политики во дијалог со граѓаните и засегнатите страни за надминување на проблемите што горе ги споменав за Охрид.

WebOhrid: Да им кажеме на нашите читатели, нешто повеќе и за вас. Пошироката охридска јавност ве познава како граѓански активист, посебно посветен на остварувањето на правата на младите и унапредувањето на граѓанскиот активизам во Охрид, но и како гласен поборник против младинската иселеност . Колку години се занимавате со овој вид активизам, и како ја оценувате состојбата на ова поле во општината?

Мемед: Моето вклучување во политиката е резултат на визијата за подобра иднина, но и на младоста и храброста. Вахид Мемед има само 26 години амбициозен ,гласен,критичен, искрен и чесен ,син на горди родители и сопруг на медицинска сестра . Во граѓанските организации и општествениот активизам се вклучив од мои 15 години, со визија да придонесам за поголема интеграција и напредок на мојата заедница балканските Египќани. Мојата желба е еден ден да бидеме спомнати во преамбулата на Уставот на Македонија како рамноправни граѓани на Македонија, она за што години наназад се бориме јас и моите соборци. Мојот сон е да се борам за правата на сиромашните,обесправените, маргинализираните, дискриминираните и заборавените од собраниска говорница, како пратеник од Египќанска националност.

Сметам дека активизмот не е доволно застапен од страна на граѓаните и младите во Охрид, но и многу мал број активисти и граѓански организации функционираат во Охри. Волонтерството и влучувањето активно за промени и подобра заедница е од круцијална важност за Охрид и сите нас кои живееме тука. По однос на младинската иселеност гласен бев како граѓански активист кога другарите ми заминаа еден по еден ,а ќе продолжам и како претседател на ПОЕН, бидејќи младите се иднината на градот и државата. Нема да дозволам, Охрид да стане град на пензионери .

WebOhrid: Што беше основната причина, да се вклучите во политика?

Мемед: Старогрчкиот филозоф Платон споделил една добра мисла, која гласи: “Невклучувањето во јавниот живот, на крајот, доведува да ве водат луѓе кои се полоши од вас”. Ги мотивирам луѓето кои доаѓаат од граѓанските организации да се вклучат активно во политика, бидејќи политиката има потреба од свежина,храброст,критичност,иновативност,непосредност,секојдевна едукација ,амбициозност,отвореност, односно, она што го поседуваме ние од граѓанското општество.

Во исто време бев мотивиран од секојдневни средби со граѓани ,мои пријатели,соседи,од мојата заедница да го прифатам предизвикот иако реално со срцето сум уште во граѓанскиот сектор ,но проблемите на граѓаните ме тангираат и морам да помогнам директно преку политика. Затоа, драги граѓани, вклучете се во јавниот живот, бидејќи само со заеднички сили можеме да ги решиме проблеми што нè мачат, да ги направиме нашите животи подобри и поубави.

WebOhrid: Бидејќи вие сте најмладата политичка партија во нашата општина, каков е вашиот однос со другите политички партии?

Мемед: Најмлада, но и најактивна. Имаме прилично добра комуникација со скоро сите политички партии, кои дејствуваат во нашата општина. Претставуваме различни политички идеи, но кога станува збор за интересот на граѓаните, мора да бидеме единствени ако сме со став дека Охрид треба да се движи кон економскиот развој.

WebOhrid: За крај, пред нас претстои, според сите најави, жешко политичко лето и уште пожешка политичка есен. Како ќе се позиционира и ќе делува ПОЕН, кога станува збор за актуелните политички настани и референдумот?

Мемед: Пред неколку дена со раководството на ПОЕН Охрид имавме работен состанок на кој се се дефинираа активностите во текот на летниот период ,како и договор за работно лето на ПОЕН Охрид. Летниот период ќе се искористи за непосредна и позитивна комуникација, и дружење со граѓаните .ПОЕН Охрид во текот на целото лето, ќе присуствува на разни настани и активности меѓу граѓаните.

ПОЕН настана меѓу граѓаните, и кон нив ќе биде насочен целиот ангажман.

Референдумското прашање ќе биде високо на агендата на ПОЕН Охрид, на работното лето .ПОЕН Охрид максимално ќе се ангажира за референдумот, да ги мотивира и да им објасни на граѓаните за важноста да се биде ЗА Европска Македонија и членка на НАТО, како чекор кон трасирање на патот за модерна,стабилна,економски моќна и општествено напредна Македонија.

Весна Цветаноска/WebOhrid