06/12/2024
Охрид

ИПА -регион Охрид го одржа своето прво годишно собрание

Интернационалната полициска организација-регион Охрид, денеска го одржа своето прво годишно Собрание. Информација за годишните активности на ИПА регионот Охрид за 2018 и првото тромесечие од 2019 година, поднесе м-р Стефан Димоски, претседател на ИПА регион Охрид. Претседателот Димоски, информираше за меѓународните учества на претставници ИПА Охрид на безбедносната конференција „Smart cities and urban security“ што се одржа во Тел Авив-Израел, на меѓународната средба во Херцег Нови-Црна Гора, во Ниш-Србија и на други средби каде се остварија контакти со претседатели и други претставници на ИПА регионите и националните секции од Израел, Црна Гора, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Република Српска, Албанија, Бугарија, Грција како и претставници од полицискиот синдикат од полицијата од Косово. Во знак на благодарност и пријателство, на претседателите на ИПА регионите и националните секции, им беа доделени пригодни ИПА плакети и рекламен туристички промотивен материјал од Охрид. Притоа, упатена е покана до сите ИПА секции, во текот на летната туристичка сезона, да организираат туристички посети на Охрид.

Претседателот Димоски нагласи дека ИПА Охрид беше домаќин на делегации и ИПА групи-членови на ИПА од Хрватска. Напомена дека ИПА Охрид, ги организираше или беше дел од организацијата на повеќе безбедносни кампањи што ги реализира со ИПА Македонија, Републичкиот и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, со СВР Охрид, со мото и велосипедските клубови од Охрид. Притоа беа организирани мото и вело дефилеа низ Охрид со цел јакнење на сообраќајната безбедносна култура кај граѓаните.

На првото годишно Собрание, секретарот на ИПА Охрид, Игор Смилески, поднесе информација за годишниот план и програма за работа на ИПА регион Охрид за 2019 година. Посебно ја издвои иницијатива за збратимување на ИПА регион Охрид со ИПА регион Херцег Нови, секција Црна Гора во мај, со ИПА регион Бургас, секција Бугарија, во септември оваа година како и учеството на годинешниот атлетски маратон „Охрид трчаТ“.

На Собранието беше усвоен новиот предлог статут на ИПА Македонија а беа верификувани мандатите на секциите и координаторите на секциите за обука, за информирање, за спорт, комисијата на жени и ветерани на ИПА Охрид.