13/07/2024
Охрид

Историски час во чест на Кирил Прличев

Во организација на Општина Охрид и НУ “Завод и музеј“, денес во “Куќата на Христо Узунов“, со одржување на историски час, беше одбележана 75 годишнината од смртта на охридскиот револуционер, Кирил Прличев. За ликот и делото на Прличев, зборуваше вишиот кустос м-р Горан Митрески и внукот на револуционерот кој го носи неговото име Кирил Прличев.

Во своето излагање м-р Митрески истакна дека “Кирил Прличев е значаен македонски патриот и револуционер кој оставил длабоки траги во македонското револуционерно движење. Тој е од онаа плејада на македонски револуционери кои намерно беа анатемисувани, саботирани, дистанцирани и затскриени од поранешната историографија на стариот комунистички систем. Причина затоа што беше деец на ВМРО со продесна ориентација. Поради тоа за пошироката јавност Кирил Прличев не беше доволно познат. Се` до 1990 година за овој македонски патриот се знаело многу малку, иако негов татко е македонскиот преродбеник Григор Прличев. Историографијата и историографите на поранешниот систем не ја истражувале неговата револуционерна и животна сторија и посветена борба за македонската кауза“.

Внукот на македонскиот револуционер, кој живее во Бугарија, Кирил Прличев ја истакна посветеноста на неговиот дедо до крајот на својот живот, да се бори за независна и самостојна македонска држава, која ќе ги обедини сите етникуми кои живеат во неа како рамноправни граѓани.

Интегралниот текст од историскиот час, можете да го прочитате тука.