25/04/2024
Охрид

Италијанскиот амбасадор Силвестри во посета на Општина Охрид

Градоначалникот Константин Георгиески, денеска оствари средба со амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри.

Градоначалникот Георгиески упати искрени честитки до амбасадорот Силвестри за спортскиот успех на Италјанската фудбалска репрезентација и освоената европска титула на Европското првенство во фудбал ЕУРО 2020.

Во рамки на средбата, амбасадорот Силвестри искажа силна поддршка и ги поздрави заложбите на Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и владеењето на правото. Истакна дека може да биде разгледана можноста, Амбасадата на Италија во нашата земја да посредува за ангажирање на италјански конзерватори, експерти и стручни консултанти за креирање на планови и стратегии за заштита на културното наследство во Охрид.

Беше разговарано и за унапредување на меѓусебната соработка во сферата на туризмот. Градоначалникот го информираше амбасадорот за воспоставената соработка помеѓу Општина Охрид и италјански туроператори и деталите за организираната промо тура „Охрид 2019“, која беше во насока на промоција на Охрид како туристичка дестинација на италјанскиот пазар. Двајцата соговорници изразија надеж дека по надминување на пандемијата со „Ковид 19“ интензивно ќе продолжат активностите за промоција на Охрид пред италјанските туристи.

Тема на средбата беше и соработката помеѓу Италија и Република Северна Македонија на полето на културата, особено во креирање на програмата на реномираниот фестивал „Охридско Лето“, во чии рамки годинава, на 30-ти јули ќе биде организирана „Италјанска вечер“ на која ќе настапат италјанските уметници Алесандро Фантони и Џорџо Мартано.