Итно е потребна системска заштита на медиумските работници/чки

Во организација на ЗНМ на 11-ти февруари се реализираше вебинар како продолжување на настанот од ноември 2020 на тема: „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решенија за зајакнување на безбедноста на новинар(к)ите“. На вебинарот учествуваа триесетина учесници и тоа новинар(к)и,  експерт од Советот на Европа, претставници/чки од Основното јавно обвинителство, претставничка од Министерството за правда како и адвокати кои застапуваат новинари пред судовите. Главниот заклучок од настанот беше дека само преку конкретни измени на Кривичниот законик но и Законот за кривична постапка преку давање на поголема надлежност на обвинителството и на МВР да постапуваат по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста и политиката на неказнивост кон новинар(к)ите и медиумските работници/чки.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски во своето воведно поздравно обраќање го изрази своето незадоволство бидејќи сѐ уште работите стагнираат и дека реформите тапкаат во место иако последнава година неколку пати се повторувале истите работи кои се потребни да се променат. ,,Сѐ уште се бележи пораст во бројките на нападите и вербалните закани кон новинарите а неказнивоста останува. Би било голем успех кога наместо нападите кон новинарите да бидат правило би ги смениле да бидат инцидент кој ќе се казни.” – истакна Чадиковски.  

Поздравно обраќање имаше и Александра Богдановска – Постара раководителка на проектот Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија – ЈУФРЕКС. Таа ги охрабри ваквите активности и иницијативи дека се од витално значење за зајакнувањето на безбедноста на новинар(к)ите, а безбедноста е еден од основните предуслови за новинарската професија. Непопречувањето на вршењето на новинарската професија е од непроценливо значење за секое општество.

Свое обраќање имаше и Џонатан Прајс кој е Експерт на Советот на Европа, адвокат во ‘’Doughty Street Chambers’’, Велика Британија. Тој истакна свои предлози за подобрувања и услогласувања со европските стандарди во контекст на изменувањата и дополнувањата на Кривичниот законик на Северна Македонија. Тој истакна дека од исклучителна важност е да се надмине процесот на неказнивост и да се подигне статусот на новинар(к)ите во Кривичниот законик. Многу е важно јавното обвинителство да си ја врши својата работа и да има поведување на постапки во интерес на унапредувањето на заштитата на новинар(к)ите од страна на институциите.

Основната јавна обвинителка, како една од панелистките Спасенка Андонова во своето обраќање кон учесниците на вебинарот истакна дека како претставничка на обвинителството тие се должни да ја почитуваат легислативата. Го посочи говорот на омраза како пример за начин на комуникација со дискриминаторски елементи кој најчесто се употребува кон новинарите и медиумските работници. Укажа дека за жал бројките на поднесени пријави за оштетени новинари е процес кој бележи нагорна линија. Соочени со голем број критиките упатени кон МВР и обвинителството за недоволната активност во поглед на истражување и неносење на предметот до судот потенцираше дека јавниот обвинител не смее да излезе од рамките на легислативата кој му ја наметнува. Пријавата до обвинителството е иницијалниот акт кој всушност ја започнува работата и постапувањето на јавниот обвинител. Што повеќе пријави и кои изобилуваат со конкретни информации ќе го скрати времето на постапката во прибирањето и истрагата во постапката. Таа ја истакна поддршката на овој процес во процесот на унапредувањето на легислативата со искористување на искуствата од претходни измени на КЗ за да се даде форма и содржина за поефикасно и поефективно постапување на јавното обвинителство во постапките за заштита на безбедноста на новинарите.   

Фуркан Салиу, новинар од Клан ТВ го сподели своето искуство со пријавувањето и реагирањето до ЗНМ за неговата безбедност и заканите кој тој ги добивал во минатото. Резултатите од теренот јасно укажува дека МВР и основното јавно обвинителство не си ја вршат својата работа, истакна тој. Колегата Салиу упати апел дека мора да се унапреди професијата новинар, да се добие поддршката од институциите и да се подобри праксата откако ќе се пријави случај дали било во ЗНМ или во МВР за закана кон новинар, институциите мора веднаш да реагираат во интерес на безбедноста на новинарите.

Адвокатот Иван Брешковски истакна дека важно е да се преземаат службени дејствија од обвинителството. Насилниот криминал, тортурата која што ја имаат новинарите имаат различен мотив споредбено со обичниот криминал. Важно е да се докаже мотивот за делото за да дејствува обвинителството. Потребно е да се заострат казните или да се вметне поголем облик на прекршочно дело за да се добие поголема заштита на адвокатите во КЗ. Друг проблем кој треба да се посочи е кога се работи за онлајн закани, да се обрати внимание дали заканувачите се партиски или државни функционери. Таму обвинителството мора да поведе службени дејствија. Во последниот период забележителен факт е дека се повеќе новинарки се жртви на закани. Потребно е да се упати охрабрувачки апел кон новинарите дека има се повеќе фондови кои можат да ги покријат трошоците и новинарите сѐ повеќе да поднесуваат кривични тужби.  

Дарко Дуридански – од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, во своето излагање укажа на кратка анализа изготвена и објавена од страна на ССНМ во 2016 година за потребите за промена на Кривичниот законик во контекст на унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници. Потребата од таа анализа во 2016-2017 година беше зголемениот број на напади кон новинарите и медиумските работници и неказнивоста кон нападите и притисоците. Искуствата кои ги има ССНМ и ЗНМ се дека најголемиот дел од нападите кон новинарите и медиумските работници  не влегуваат во процедура. Тој заклучи дека од 2017 година до денес речиси ништо се нема сменето во поглед на неказнивоста кон новинарите и медиумските работници.

Земајќи ја  предвид важноста на улогата на МВР за заштита на новинарите кои се предмет на напади, на овој настан беше поканет и началникот на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР кој имаше за цел да ја претстави улогата на секторот во заштита и превенција од дигитални напади и начин на прибирање на електронски докази во контекст на заштитата на безбедноста на новинарите и медиумските работници. Непосредно пред настанот гостинот го откажа своето учество и претставник на овој вебинар од МВР немаше.

Вебинарот беше организиран од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и заедничката акција на ЕУ  и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“ која е дел од „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II“, заедничка програма на Европската Унија и Советот на Европа, имплементирана од Советот на Европа, која има за цел да им помогне на корисниците од Западен Балкан и Турција при усогласување со стандардите на Советот на Европа и acquis communautaire на Европската Унија во процесот на нејзино проширување, онаму каде што е тоа применливо

Овој текст беше подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија и Советот на Европа. Гледиштата изнесени во текстот нужно не ги одразуваат ставовите на ниедна од страните.