19/04/2024
Македонија

Иванов: На нашиот регион му е потребно партнерство во полето на безбедноста

Почитувани директори на агенциите за разузнавање,
Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија чест ми е да ве поздравам на овој прв состанок на директорите на агенциите за разузнавање во рамките на процесот „Брдо-Бриони”.

Живееме во регион низ кој минуваат стратегиски важни коридори. А, сепак, поради забавената интеграција, како регион предолго останавме надвор од Европската Унија и НАТО. Безбедносната соработка стана заложник на отворените билатерални прашања. Отсуството на доверба меѓу државите во регионот се одрази и на довербата во размената на информации. Регионот стана ранлив на организираниот криминал, етничкиот екстремизам и верскиот радикализам.

Во такви сложени услови дојдоа мигрантите. Со нив почнаа да минуваат и странските борци, кои на Блискиот Исток заминаа како екстремисти, а се вратија како терористи. Многу бргу се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и со поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури. Клучна улога во тој процес имаат агенциите за разузнавање.

Мигрантската криза беше катализатор што ги поттикна нашите држави да ги остават на страна недоразбирањата и да почнат да соработуваат за доброто на целиот регион.

Идејата за подлабока безбедносна соработка се роди на вонредниот состанок на процесот „Брдо-Бриони” во Загреб посветен на мигрантската криза. Денеска, речиси три години подоцна, таа идеја се реализира. Веќе наредната недела, Република Македонија ќе биде домаќин на Самитот на процесот „Брдо-Бриони”. Во фокусот на Самитот ќе биде и безбедносното поврзување што треба да се промовира како нова синтагма во регионот.

Почитувани присутни,

Иднината на нашиот регион е во Европската Унија. А, сепак, од некои земји членки на Унијата добиваме мешани пораки за замор од проширувањето. Тој замор, меѓу другото, се должи и на перцепцијата за Балканот како периферија на Европа, како регион што е инхерентно нестабилен. Недостатокот на доверба меѓу нас е совршена шанса за влијание на трети страни врз економскиот просперитет на државите, оживување на етнонационалистички проекти и спречување на интеграцијата во ЕУ и во НАТО.

За да ја промениме ваквата перцепција, ние мора наместо реактивни, да бидеме проактивни. Заканите со кои се соочуваме бараат креативност, партнерство и неконвенционално размислување.

Вистинскиот збор што му е најпотребен на нашиот регион во полето на безбедноста е партнерство. Партнерство што се постигнува со градење доверба заради веродостојни податоци, заеднички операции и заштита на информацијата. Ќе потсетам дека заштита на информацијата, идентитетите на разузнавачите и изворите, спречување на истек на податоци е приоритет за секоја служба. Ова е особено важно во нашето време на лажни вести и војни на перцепции.

Дами и господа,

Нам, на претседателите и на владите, ни е потребен персонал кој се одликува со прагматизам, меритократија и чесност. Неопходно е најдобрите од најдобрите да наоѓаат практични решенија за општото добро на граѓаните, државите и регионот. Потребни ни се професионалци кои ќе се вреднуваат заради превенцијата остварена со веродостојни и превентивни информации.

Постојат сè повеќе нетериторијални творби и предизвици кои територијалната држава сама по себе сè потешко може да ги контролира. Како никогаш досега, за спречување на меѓународниот тероризам, илегалната миграција, транснационалниот организиран криминал, употребата на интернетот за субверзија, хибридните закани и нелинеарната војна се потребни интероперабилност на податоците, заедничко работење и меѓусебно помагање.

Да го искористиме овој прв состанок за да пратиме јасна порака до европските центри. А тоа е порака дека ние, државите од регионот, можеме да соработуваме во оваа област од витално значење за нашите општества и за Европа. Нашите агенции за разузнавање можат заедно да нудат креативни и прагматични решенија за безбедносните предизвици со кои се соочуваме.

Да не ја заборавиме најважната лекција што ја научивме од мигрантската криза: Како што најголемата слабост на регионот е поделбата, така најголемата сила е соработката. Да градиме партнерски односи, да разменуваме веродостојни информации, да си го чуваме грбот едни на други, бидејќи ако ние тоа сами не го правиме, никој друг нема тоа да го прави наместо нас.

Се вели дека еден синџир е онолку цврст колку што е цврста најслабата алка. На континентот Европа, од безбедносен аспект, таа алка е регионот на Балканот. Колку што е цврст Балканот, толку е цврста Европската Унија, толку е цврста Европа.

Со тоа, на самиот крај, ви посакувам успешен состанок и ви благодарам на вниманието.